Јовев: Не ми понудиле, но би прифатил да бидам министер за здравство

од Stefanija Kuzmanovska

Разрешувањето на кардиохирургот проф. д-р Сашко Јовев од директорската функција на државната Кардиохирургија е меѓу главните теми неделава. Тој гостуваше во емисијата „Стадион“ на Канал 77 каде што изјави дека сè уште не го потпишал решението за разрешување од директорската функција на државната Кардиохирургија откако министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека нема да толерира директори кои, како што рече, „седат и спијат“.

Кардиохирургот кој ја изведе првата трансплантација на срце се потсети на формирањето на државната кардиохирургија за што преговарал две децении пред и официјално да биде формирана.

Државната кардиохирургија функционира веќе седум години, период во кој како што вели докторот, тимот сработил „чуда“.

„Нашата тенденција е да ја развиваме државата и да ги оперираме најтешките пациенти. Тешките пациенти ги оперираме токму ние на нашата клиника, а лесните одат во приватните и таму побргу може да поминат. На самиот почеток имавме екстремно низок буџет. Полека јас го зголемував тој буџет. Кога ќе споредите државна Кардиохирургија со приватните, 1:4 или 1:5 се средствата коишто ни се даваат, но и покрај тоа одиме одлично. Последните две до три години оваа екипа во Фондот извонредно ни помогна. Екстремно разбирање за нас имаа и направивме бум“, додаде кардиохирургот.

Тој потсети дека во земјава досега се направени осум трансплантации на срце, но потенцираше дека во нашето јавно здравство се прават и други сложени процедури со кои како држава може да се пофалиме.

Тврди дека никогаш не му било пнудено да биде министер за здравство, но ако тоа се случи со задоволство ќе го стави целиот свој капацитет на располагање.

Слични содржини