ЈСП Скопје: 7 возила се испратени на вонреден технички преглед, се работи за вонредна акција на МВР

од Vladimir Zorba

По информациите дека 60 автобуси се повлечени во гаражите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) поради различни оштетувања од ЈСП Скопје за „Локално“ посочуваат дека станува за многу помалку возила испратени на технички преглед, отколку што објавија медиумите, а кои се дел од нивниот возен парк.

„Од утринава, па досега, 7 возила на ЈСП Скопје се испратени на вонреден технички преглед. Во меѓувреме, две возила од посочените веќе се вратени на линија. Дали и колку возила ќе се вратат на линија или исклучат од сообраќај и од кои причини, тоа ќе знаеме во текот на денот, кога ќе заврши процедурата на вонредниот технички преглед на секое возило одделно“, велат од Јавното претпријатие.

Станува збор, според нив, за вонредна акција на МВР, како дел од нивните редовни активности за проверка на исправноста на возилата кои вршат јавен превоз на патници.

– Инаку, ЈСП Скопје, ја следи состојбата на терен и по потреба, по исклучување на некое возило заради технички преглед, реагира навремено со испраќање т.н. заменско возило како би се избегнала „дупка“ во возниот ред, истакнуваат оттаму.

Колку вкупно возила се исклучени од јавниот превоз, имајќи во предвид дека него го сочинуваат ЈСП Скопје и приватните превозници („Слобода превоз“ и „Мак експрес“), од ЈСП немаат информација. Тие имаат увид, како што посочуваат, само во нивните возила.

Од министерството за внатрешни работи информираат дека денеска била извршена контрола на 8 автобуси од кои кај 4 биле констатирани неправилности.

-МВР континуирано се преземаат мерки и активности за обезбедување на поголема безбедност во сообраќајот.Меѓу мерките се и контроли на техничката исправност на возилата што вршат јавен превоз, а во насока на превенција од последици кои можат да настанат од учество во сообраќај на неисправни возила за јавен превоз. Согласно предвидениот план-распоред, на 23.02.2022 во периодот од 08-12 часот предвидена и спроведена е акциска контрола на подрачје на град Скопје, над возила кои вршат јавен превоз на патници (линиски, градски и меѓуградски превоз), при што се контролирани осум автобуси од кои кај 4 (четири) автобуси се констатирани неправилности предвидени согласно одредбите на ЗБСП и ЗВ, велт од МВР.

М.А.

Слични содржини