Манчестер Јунајтед можеше да потпише со дефанзивецот Абдукодир Кусанов во летото 2023 година, но тогашниот менаџер на „црвените ѓаволи“ Ерик тен Хаг го блокираше договорот. Ова го изјави агентот на узбекистанскиот фудбалер Гајрат Касбиулин за руско издание.
Пред неколку дена 20-годишниот Хусанов го комплетираше трансферот од Ленс во Манчестер Сити за 40 милиони евра, а репрезентативецот на Узбекистан важи за еден од најперспективните млади играчи на својата позиција во светот.
„Првиот клуб што контактираше со нас беше Манчестер Јунајтед“, рече Касбиулин.
„Во мај 2023 година, скаутот на Јунајтед, Николас Синали беше во Аргентина на Светското првенство за играчи до 20 години. По вториот натпревар на Узбекистан, тој го најде мојот контакт и дојде да разговараме. Ми кажа дека Хусанов има „ДНК на Манчестер Јунајтед“. Во тој момент знаев дека еден ден ќе игра за голем клуб“, додаде агентот на младиот дефанзивец.
„Причината поради која трансферот не се случи е Ерик тен Хаг. Скаутот направи детален извештај, но според Тен Хаг, Хусанов не бил подготвен да му помогне на Манчестер Јунајтед. Неодамна повторно разговарав со Синали. Тој ми честиташе за трансферот во Манчестер Сити и изрази жалење дека не е постигнат договор со Јунајтед“, изјави Гајрат Касбиулин.