Јувентус во проблеми, Алегри побара помош од психолог

од Nikola Popovski

Тренерот на италијанскиот фудбалски великан Јувентус, Масимилијано Алегри побара помош од психологот Џузепе Верчели за да ги „разбуди“ играчите и да им ја врати изгубената самодоверба по серијата лоши резултати.

Торинската „Стара дама“ освои само 15 бода во првите 11 кола во Серија А и се наоѓа на деветтото место со дури 16 бодови зад Наполи и Милан, пренесува ХИНА.

Поради таа причина, Алегри донесе психолог да разговара со играчите и да се обиде да им помогне да се опорават од мрачниот почеток на сезоната. Јувентус на тој начин се обидува на сите можни начини да ја подобри сезоната која се чини дека е завршена.

Италијанската „Ла Газета дело Спорт“ наведува дека Алегри и професорот Верчели се многу блиски пријатели и не е првпат тој да бара помош од него.

Верчели веќе работел во клубот за време на првиот мандат на Алегри. Тој е професор по спортска психологија на Универзитетот во Торино и заедно со неговиот тим од осум специјализирани соработници, го дизајнираше моделот SFERA, меѓународно призната алатка за анализа и оптимизирање на перформансите, применлива не само во спортот, но и во деловен контекст, со цел да се извлече најдоброто од спортистот или менаџерот.

Подобрите познавачи на можностите во редовите на Јувентус пишуваат дека целиот тим е во страв и напнати нерви. Целата средина е фрустрирана од лошите резултати и стравува дека Јуве може да остане без пласман во Лигата на шампионите, а со тоа и многу милиони.

Под посебни критики се шпанскиот напаѓач Алваро Мората и францускиот играч од средниот ред Адриен Рабио кои веќе подолго време играат очајно.

Слични содржини