Јужноафриканскиот вид го намалува нивото на антитела по вакцината на Фајзер

од Stefanija Kuzmanovska

Лабораториска студија на Универзитетот во Тексас (УТМБ) откри дека јужноафриканскиот вид на ковид може да го намали нивото на антитела по вакцината на Фајзер/Бионтек за две третини, соопштија од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.

Студијата покажала дека вакцината е сè уште способна да го неутрализира вирусот, но сè уште нема доволно докази дали јужноафриканскиот вид ја намалува ефикасноста на вакцината, се додава во соопштението.

Во студијата учествувале научници од УТМБ, кои создале вирус кој ги содржи истите мутации како и високозаразниот вид откриен во Јужна Африка, објави „Ројтерс“.

Истражувачите тестирале крв земена од луѓе кои примиле вакцини и откриле дека контактот со јужноафриканскиот вид ги намалува антителата за две третини, а нивните откритија се објавени во магазинот Тhe New England Journal of Medicine.

Со оглед на тоа што не постои утврден стандард за одредување која количина на антитела е потребна за да се заштити организмот од вирусот, не е јасно дали намалувањето за две третини влијае на ефективноста на вакцината.

Професоротот од УТМБ и коавтор на студијата, Пеи-Јонг Ши, верува дека вакцината на Фајзер најверојатно ќе биде ефективна против јужноафриканскиот мутиран вид на ковид.

„Не знаеме кој е минимумот на антитела потребен за да се неутрализира вирусот. Немаме долна граница“, рече тој.

Слични содржини