Кабинетот на Џафери го демантира Милошоски: „Немаше средба со Чеченци“

од Nikola Popovski

Антонијо Милошоски лаже! „Што ѝ ветил Талат Џафери на делегацијата од Чеченија која била во посета на Собранието?“ е прашање кое нема одговор затоа што Претседателот немал средба со делегација од Чеченија, велат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери по вчерашните објави на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Според Кабинетот, на денот кој се наведува во информациите, на 8 јули претседателот Џафери имал средба со делегација од Европскиот муслимански форум.

-Во време кога Европа и светот одржуваат конференции за борба против лажни вести и дезинформации, пратеник се впушта во лиферување на вест која апсолутно е неточна и има за цел да нанесе штета не само на претседателот Џафери, туку и на Собранието и на државата, додаваат од Собранието.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вчера на социјалните мрежи објави вест за средба која се случила минатата година во јули месец помеѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери и делегација на Чеченија. Според него, Џафери одлучил да биде дискретен и не објавил за што се разговарало на средбата.

-На чело на чеченската делегација бил Абдул-Вајед Нијазов, марионета на Кремљ во тамошниот “Исламски културен центар”, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението “Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин”. Гостите од Чеченската Република го посетиле и Тетово каде објавиле дека со општината се договориле за изградба на парк и споменик на Ахмат Кадиров, првиот претседател на Ч.Р. и носител на орден “Херој на Русија”. Инаку Ахмат Кадиров е татко на сегашниот деспотски шеф на Чеченската Република, Рамазан Кадиров, кој со неговите војници ревносно му помага на претседателот на Русија во инвазијата врз Украина, често извршувајќи ги најбруталните операции, напиша Милошоски на Фејсбук.

Слични содржини