Кабинетот на Пендаровски: Претседателот нема никаква поврзаност со лицата од случајот „Планина“

од Nikola Popovski

Кабинетот на Претседателот на Република С. Македонија остро реагира на наводите изнесени на денешната прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, на која се инсинуира наводна поврзаност на претседателот со лица вмешани во случајот „Планина“.

„Претседателот Пендаровски, за време на изборната кампања на претседателските избори во 2019 година посети населени места на целата територија на државата, при што се фотографираше со сите граѓани што тоа ќе го побараа од него. Претседателот Пендаровски лично не се познава со лицата од посочената фотографија. Како што може да се види, претседателот не е седнат во друштво на посочените лица, туку е фотографиран стоејќи, на нивно барање. Поради тоа, Кабинетот на Претседателот отфрла било каква поврзаност на претседателот Пендаровски со лицата вклучени во случајот“, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот за молк од негова страна по наводната фотографија со еден од обвинетите нарко-босови во случајот „Планина“.

„Како претседател на Советот за безбедност, Пендаровски е должен да одговори каква конекција има и имал со овие лица? Исто така од фотографиите може и да се забележи и братот на премиерот Заев, Вице Заев во друштво со овие докажани криминалци. Од тука повторно прашуваме, кој им дојави и дозволи на овие криминалци да побегнат? Дали високи функционери од МВР и од власта стојат позади овој неуспех на акцијата? Дали заради вмешаност на високи фунционери во државата е причината за неуспехот и на оваа акција?“, истакнаа денес од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Слични содржини