Кадиров за војната: „Ова е џихад“

од Stefanija Kuzmanovska

Чеченскиот лидер и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, Рамзан Кадиров, објави на Телеграм дека руските сили „водат бескомпромисна борба против сатанистите“ и дека „украинските градови треба да бидат избришани од лицето на земјата“.

Кадиров пишува дека не е задоволен од развојот на војната во Украина.

„Мислам дека нашиот одговор е слаб. Ако граната падне на нашата страна, на наш регион, мораме да избришеме градови од лицето на земјата, за далечниот хоризонт да биде видлив. Мораме да ги натераме да разберат дека не смеат ниту да размислуваат за напад на наша страна“, наведе Кадиров.

„Ова е џихад“

Во својата антиукраинска тирада, Кадиров напиша дека „патриоти од различни делови на нашата огромна татковина“ продолжуваат да пристигнуваат во Чеченија за „да станат членови на тесно поврзаното семејство“.

Тој додава дека официјалните лица на Чеченската Република им даваат последни инструкции на волонтерите пред да ги испратат на линијата на фронтот во Украина.

„Задачата останува иста – уништување на сатанистите, заштита на цивилното население и обезбедување помош“, напиша Кадиров.

Кадиров ја нарече руската инвазија на Украина „џихад“ (света војна), додавајќи дека чеченските команданти „одат само во напади“.

Слични содржини