Каевски: Се повеќе пратеници и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да дадат поддршка за уставните измени

од Nikola Popovski

Како СДСМ сме отворени да разговараме за голем број прашања, но главен приоритет се уставните измени за членството во ЕУ, рече синоќа пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, додавајќи дека во периодот што следи главниот фокус треба да биде на уставните измени за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот.

Каевски нагласи дека со транспарентност, отчетност и јавност на процесот ќе се тргне сомнежот што опозицијата, односно ВМРО-ДПМЕ и Левица го ставаат кај граѓаните.

-Во периодот што следува е најпрвин да се објави тимот на експерти и да се објават пред граѓаните уставните амдмани за да се даде јавност и транспарентност на процесот, очекувам со предложени кандидати во работната група и опозицијата да даде свој придонес и процесот да биде подобар и поквалитетен, рече Каевски.

Пратеникот истакна дека се влегува во еден сериозен процес за кој сите треба да дадат придонес, без разлика дали е опозција или позиција.

-Се повеќе пратеници и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да дадат поддршка, тие знаат дека нема ништо лошо во уставните измени и тие се за да се продолжи патот кон ЕУ. Во ВМРО-ДПМНЕ постои сериозна група која е за уставните измени и која не само декларативно се залага членство во унијата, кажа Каевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Слични содржини