Како да јадете тестенини, без да се здебелите?

од Vladimir Zorba

Кој се уште не сака оброк во кој се застапени тестенините? Пополнува, обезбедува чувство на задоволство и среќа и генерално „не паѓа“ тешко на стомакот.

За жал, тестенините се „на црната листа“ на храна, бидејќи дебелеат.

Но, дали е тоа точно и дали тестенините се „главниот виновник“ за прекумерната тежина или лошо сме „пресметале“?

Нутриционистката Сузи Бурел од Синдеј на својот блог објасни како да јадете тестенини без да се здебелите.

– Една чаша неварени тестенини содржи 85 грама јаглени хидрати и до 14 грама протеини – изјави Сузи.

– Поради високиот процент на јаглехидрати, тоа е енергетски густа храна.

Според неа, иако две чаши варени тестенини се добар избор за оние кои се занимаваат со спорт, во повеќето случаи, многумина имаат тенденција да јадат три или дури четири чаши тестенини во комбинација со тежок „дресинг“.

– Мешавина од јаглехидрати и масти ги поврзува тестенините со зголемување на телесната тежина – истакна Бурел и откри дека една порција карбонара може да содржи од 60 до 80 грама маснотии.

– За разлика од порциите што се служат во Италија, а кои се комбинација од тестенини и полесни сосови како сос од домати и малку маслиново масло, ние сме фокусирани на различна комбинација на тестенини со преливи. Значи, проблемот не е во тестенините, туку во дресингот.

За да уживате во тестенините без ризик од гоење, таа предлага да биде една чаша тестенини со полесен прелив, како зеленчук со малку масло или морска храна.

– Како и секоја друга храна, тестенините се дозволени еднаш или двапати неделно, особено ако сте физички активни. Од друга страна, ако вашата цел е да ослабете или сакате почесто да јадете тестенини, не би било лошо да ја испробате опцијата со помала содржина на јаглехидрати – сугерира Сузи.

Нутриционистот има уште еден предлог – да ги замените класичните тестенини со спирално исечени тиквички, кои ќе ги прелиете со саканиот прелив. Во тој случај, ќе внесете помалку калории, бидејќи тиквичките се познати како нискокалорични зеленчуци.

Друг трик што нутриционистите го открија одамна е дека никогаш не треба да ги јадете тестенините топли, туку само кога ќе ја поминат ноќта во фрижидер. Потоа, тврдат тие, нема да се „залепат“ за стомакот и нема да предизвикаат вишок тежина.

Слични содржини