Како коронавирусот стана дневно-политичка тема на опозицијата?

од Aleksandar Todeski

Откако се појави првиот случај на заболен со Ковид-19 во земјава, се случи и првиот обид да се искористи појавата на коронавирусот во политички цели. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера во два наврата и преку две различни лица ја обвини владејачката СДСМ дека се радува на појавата на вирусот.

Фото: Борче Поповски

„Најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот за да ВМРО-ДПМНЕ не го мобилизира народот во оваа држава. Они молеа бога да се случи сето ова за да може ВМРО-ДПМНЕ не изгледува со народот и да протестира против едно лицемерие кое што денеска е секојдневие во Македонија за жал. Чекорите на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период благовремено ќе ги презентираме пред јавноста“, рече лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Неколку часа подоцна пак, претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, рече дека поради коронавирусот и анкетите, СДСМ сака да ги одложи изборите.

Од владејачката партија реагираа за излегувањата на опозициската партија, велејќи дека најдобрата помош што може да ја даде ВМРО-ДПМНЕ е да престане да шири и предизвикува неоснован страв и паника меѓу граѓаните.

„Ситуацијата е под контрола, откако вчера беше потврдени првиот случај на лице заразено со корона вирус во земјата, институциите се подготвени за брза реакција и ги презмеаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Додека сите институции се ставени во функција за справување со Ковид-19 вирусот, ВМРО-ДПМНЕ во препознатлив стил се обидува преку лаги и конструкции да добие ситно дневно политички поени. Граѓаните, вклучувајќи го тука  ВМРО-ДПМНЕ треба да ги почитуваат препораките на министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам и паника“, реагираа од СДСМ.

И покрај тоа што вирусот е голбална закана, а во Македонија има само едно лице заболено, опозициската партија денеска продолжи да го користи коронавирусот за дневно-политички цели, посочувајќи дека министерот за здравство, Венко Филипче, создавал паника.

„Ситуацијата со корона вирусот му излегува од контрола на министерот за здравство, Венко Филипче. Наместо смирување на населението и превенција, Филипче со своите изјави создава само несигурност и паника меѓу граѓаните. Остануваат многу дилеми меѓу населението, а Филипче не прави ништо по тоа прашање. Министре, нејасно е зошто се обидувате да релативизирате, наместо уште при првата појава на вирусот во Кина, да се подготвите сериозно и да се организирате, како што тоа го прават сите останати држави? Имате ли министре, евиденција колку лица влегле во државава од најзафатените подрачја со корона вирус преку граничните премини и аеродромите и зошто немате контрола на истите“, рече Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, минситерот за здравство, Венко Филипче најави дека секојдневно ќе известува за текот во кој се движи ситуацијата со коронавирусот во земјава, а со цел да ги смири граѓаните дека нема никаква опасност во моментот и дека сите сомнителни случаи се надгледуваат и проверуваат.

 

Слични содржини