Како може Европа да ја прекине зависноста од руската енергија?

од Vladimir Zorba

Покрај тоа што мора да се справат со ефектите од пандемијата на коронавирус и со забрзувањето на инфлацијата, Европејците се соочуваат и со еден вид енергетска криза. Недостигот од енергенси ги поттикна цените на електричната енергија на рекордно високо ниво токму со почетокот на зимската грејна сезона. Покрај тоа, Европа ризикува да ја влоши политичката криза меѓу Русија и Украина. Додека Москва собира војници долж границата со Украина, зависноста на Европа од рускиот гас ја ограничува способноста на Западот да се спротивстави на заканата, објави „Блумберг“.

Европските лидери мора да одговорат. Намалувањето на увозот на руски гас и подобрувањето на пристапот до алтернативни извори на енергија ќе имаат корист за целиот регион, како и за климата. Ова значи повеќе инвестирање во складирање на гас и друга енергетска инфраструктура, забрзување на усвојувањето на обновливите извори на енергија и проширување на употребата на нуклеарната енергија. Со поблиско координирање на политиката, европските нации можат да изградат поодржлив енергетски сектор и да го спречат рускиот претседател Владимир Путин да ја користи енергијата како оружје за поделба на Западот.

Бидејќи Европа е во процес на напуштање на јагленот и трошење на резервите на гас, регионот има потреба од надворешни резерви. Во овој поглед, Стариот континент има регулативи за намалување на влијанието на рускиот енергетски гигант „Газпром“, но Русија и понатаму останува најголемиот снабдувач на гас во регионот, со речиси 47% од увозот на природен гас во Европската унија (ЕУ) во првата половина од оваа година.

Зависноста е особено забележлива во Централна и Источна Европа. „Газпром“ има и значителен капацитет во европските подземни складишта за гас, особено во Германија, што и дава на Москва уште поголемо влијание врз способноста на континентот да се справи со нестабилните пазари и прекините во снабдувањето.

Ова руско влијание ќе се зголеми со завршувањето на гасоводот „Северен тек 2“, кој треба да транспортира гас под Балтичкото Море до Германија. Иако проектот ќе го подобри капацитетот на „Газпром“ директно да ја снабдува Западна Европа – и затоа теоретски ќе го ублажи идниот недостиг на енергија – тој исто така ќе го зголеми влијанието на Русија врз европските испораки и (можеби контраинтуитивно) ќе ја направи ЕУ поранлива. Во најмала рака, новата влада на Германија мора да се погрижи процесот на сертификација на гасоводот да остане паузиран додека Русија продолжува да и се заканува на Украина.

Сепак, енергетските предизвици на континентот ја надминуваат сегашната конфронтација. Иако природниот гас останува клучен за греењето и индустријата, Европа ќе треба да ја поддржи енергетската ефикасност, подобрувањето на инфраструктурата за течен природен гас и, особено, проширувањето на капацитетот за складирање гас, кој останува нерамномерно распределен низ континентот и го отежнува купувањето, кога цените се ниски.

Што е најважно, владите треба да ја забрзаат транзицијата кон почиста енергија. Промовирањето на постојните предлози на ЕУ за зголемување на употребата на водород ќе им помогне на земјите и индустриите да се откажат од природниот гас, како и од дополнителното складирање на енергија произведена од обновливи извори. Но, како што признаа земји како Франција, Холандија и Обединетото Кралство, зајакнувањето на енергетската независност на Европа – да не зборуваме за постигнувањето на нејзините климатски цели – едноставно не е веродостојно без значителни нови инвестиции во нуклеарната енергија. Нуклеарната енергија веќе е дел од плановите на Полска да го отстрани јагленот од нејзината енергетска мешавина и може да им помогне на другите земји да го сторат истото. Лидерите во земјите каде нуклеарната енергија се соочува со јавен скептицизам, како што е Германија, треба да сторат повеќе за да ги отфрлат заблудите за ризикот и трошоците, особено штом ќе почнат да тргуваат помалите реактори.

Европа не може преку ноќ да ја прекине зависноста од рускиот гас, но може да избегне да биде заложник. Со усвојување на координирана стратегија за диверзификација на нивните енергетски ресурси, европските лидери можат да ја намалат и нивната ранливост на прекини во снабдувањето и способноста на Путин да влијае на регионот.

Слични содржини