Како од „Враќање во иднината“: Nike претстави патика која сама се врзува и се адаптира на ногата

од desk2

Уште откако Мајкл Џ. Фокс се појави во „Враќање во иднината“ со патики кои се врзуваат самите, целиот свет почна да сонува дека тоа еден ден ваквата технологија ќе стане реалност. Сега, речиси 35 години подоцна, Nike го претстави моделот Adapt BB, патика која самата се врзува и се адаптира на ногата.

Пред неколку години Nike претстави модел-копија на патиките од „Враќање во иднината“, но тие беа прескапи за комерцијалниот пазар. Но, напредокот на технологијата и константниот труд на вработените во оваа американска компанија резултираа во Adapt BB – првиот комерцијален „паметен“ пар патики.

Кратенката BB во името на моделот означува „basketball“ (кошарка). Иако ќе бидат достапни на пазарот за секого, тие се наменети примарно за кошаркари. Во патиките има вметнато паметни сензори кои ќе му помогнат на оној кој ги носи на еден уникатен начин. Од Nike се потрудија да направат патика која не само што нема потреба физички да се врзува, туку која самата препознава кога врвките треба да се олабават и кога да се затегнат, со цел да му се овозможи максимална удобност на оној кој ја носи.

https://www.youtube.com/watch?v=uZJ2bq12JSI

„За време на еден натпревар, стапалото на кошаркарот може да се издолжи скоро до половина број. Удобноста на патиката на почетокот на натпреварот е различна од онаа 24 минути подоцна. Поради потребите на различните движења и моменти на теренот, ‘совршениот фит’ не е дефинитивен термин“, стои во пишаното соопштение на Nike.

Nike Adapt BB се опремени со посебни мотори и сензори кои ја детектираат тензијата која му е потребна на стапалото, за да се приспособат на ногата и да ја држат патиката стегната кога ногата е во движење или олабавена кога ногата мирува.

Купувачите ќе можат да ја користат FitAdapt технологијата преку смартфон апликација за да вметнат свои нагодувања за да ја приспособат патиката на сопствената нога и нивните потреби. Апликацијата е достапна за iOS и Android.

Како што можете да видите од инфографикот погоре, Adapt BB е патика која ќе обезбеди максимален перформанс за кошаркарите. Технологијата за автоматско врзување и адаптирање на патиката не е само маркетиншки трик кој ќе направи да изгледате кул како Марти Мекфлај, туку таа е наменета за да им помогне на професионалците за време на натпреварите.

Продажбата на Nike Adapt BB ќе започне веќе од следниот месец – премиерата е најавена за 16 февруари. Според најавите, цената би требало да биде 350 долари за еден пар. Nike најави дека во иднина истата оваа технологија ќе биде достапна на многу повеќе производи од компанијата.

Слични содржини