Каков ќе биде исходот од средбата меѓу Пендаровски и Мицкоски?

од Nikola Popovski

Откако претседателот Стево Пендаровски во интервју за Канал 5 изјави дека тие што влегоа во Собранието не се терористи, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се сретне денес со него, на негово лично барање. Претходно меѓу нив имало телефонски разговор, со кој, како што наведуваат во ВМРО ДПМНЕ се одмрзнуваат односите меѓу Мицкоски и Пендаровски.

Денешната средба за аналитичарите е позитивен сигнал дека во иднина ќе продолжи ваквата пракса, а ќе изостане традицијата од минатото кога претседателот на државата често се игнорираше како институција.

„Добро е што по девет месеци некомуницирање, се воспостави комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кој толку многу недостасува во нашата земја“, оцени претседателот Пендаровски за Дојче веле.

Мицкоски пак изјави дека одмрзнувањето на односите со претседателот Пендаровски е поради тоа што на земјава ѝ е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители.

Одмрзнувањето на односите помеѓу претседателот и опозициската партија го поздрави и премиерот Зоран Заев, кој смета дека државата од ова може да има само корист.

„Нека има дијалог, од тоа нема зијан. Гледате, мојата средба со Мицкоски, а потоа и со Зијадин Села и со Африм Гаши даде делумни резултати. Во однос на осудените тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи“, рече Заев.

Слични содржини