Калфин за „Локално“: Доколку дојде на власт Мицкоски ќе остане сам на масата – бугарската влада нема да преговара со партнер на кој не може да се потпре

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш повтори дека ќе се повлече од активната политика доколку поминат уставните измени во Собранието и внесување на бугарското малцинство, со што децидно остана на ставот дека е против такво нешто. „Да, точно е. Многу погрешно е да се отвори вратата сега на сите проблеми. Објаснувањето на владиниот врв беше сега да смениме Уставот, па утре на маса кога ќе седнеме и видиме дека барањата се навистина тенденциозни да се повлечеме од масата за преговори. Тоа така не оди. Тоа се будалаштини и детски работи. Ќе се отворат многу проблеми кои ќе значат ретуширање на вистинските историски факти. Не смеевме да дозволиме нашите деца да учат лажна историја. Ако тоа се случи во овој мандат и состав на владата, јас ќе заминам од политиката, бидејќи тоа значи дека добро не сум ги проценил луѓето. Кога водите политика и структура, логично е да се опкружите со луѓе кои имаат генерално идентична политичка матрица и идеја“, рече Мицкоски во интервју.

Околу ситуацијата со уставните измени, бугарското општество недвосмислено смета дека тие треба се случат. Поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија и извршен директор на „Eurofund“, Ивајло Калфин во разговор за „Локално“ објаснува дека се што е различно од ставот за внесување на Бугарите во Уставот покажува дискриминација и необјаснив страв.

Ивајло Калфин

Ивајло Калфин

-Бугарското потекло не ги прави помалку достојни македонски граѓани, а тие несомнено се дел од овој идентитет, кој никој не го сака и не може да им го одземе на луѓето од РСМ. Инаку, сигурен сум дека меѓу политичарите и гласачите на ВМРО ДПМНЕ има многу луѓе кои сакаат да обезбедат европска иднина за своите сонародници, кои се свесни дека интересите на македонските граѓани можат најдобро да се заштитат кога нивната земја е претставена во европските институции. Политичари кои се способни да претстават алтернатива не со уништување туку со градење на иднината, вели Калфин.

Во однос на потпишаните нотарски изјави од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот шеф на бугарската дипломатија потенцира дека „се уште не го разбира и првпат слуша за такво нешто“.

-Никогаш не сум слушнал за тоа никаде во светот. Бев избран 5 пати за национален претставник и за пратеник во Европскиот парламент. Заменикот одговара пред своите избирачи, а не пред нотарот. Никогаш не сум се загрижил повторно да излезам на гласање, бидејќи се потпирав на тоа дека ги исполнив ветувањата и не се криев зад нотарските белешки. Така ја разбирам демократијата и одговорноста на избраните претставници, смета Калфин.

Според него, меѓународните договори не завршуваат со промена на власта и вели дека „Мицкоски ќе остане сам на маса“.

-Бугарската влада нема да преговара со партнер на кој не може да се потпре. На крајот, гласачите ќе одлучат дали сакаат нивната земја да биде дел од европското семејство. ЕУ секако не е единствената алтернатива, но нека покажат политичарите што е другото? Што ќе ја замени европската солидарност, можноста за слободно патување и трговија, перспективата РСМ да биде дел од најразвиената заедница на земји во светот? Лесно е да се откажеш од ЕУ, но каде ќе ја однесеш својата земја утре?, прашува поранешниот бугарски министер за внатрешни работи.

Калфин е дециден дека во двете земји има партии кои живеат од стравовите на луѓето, давајќи го своето мислење во однос на иницијативите за референдум за укинување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.

-За нив добрососедските односи се лоша вест. Ним им треба неизвесност, конфузија, немање перспектива за да го продадат својот евтин популизам. Тие се способни да уништуваат, да гледаат во минатото, но не и да создаваат перспектива и позитивна алтернатива за иднината. Дури и да претпоставиме дека Договорот од 2018 година е пониште, како тоа би го подобрило животот на граѓаните? Задоволни ќе бидат само оние кои не сакаат Република Северна Македонија да биде дел од ЕУ, нејзините граѓани да не патуваат слободно, а земјата да се користи за задоволување на туѓи странски амбиции, оценува тој.

Калфин додава дека дека ниту иницијаторите немаат очекувања од 910.000 кои ќе излезат на референдумот.

-Тие навистина не сакаат референдумот да се одржи, тие сакаат да ја искористат темата предизборно. Македонските граѓани нема да изберат нивната земја да биде слаба и сиромашна. Овој договор не е во конфликт со нивните интереси. Тезата на популистите дека ако имаш лоши односи со соседите си посилен е длабоко погрешна, вели поранешниот бугарски МНР.

Калфин е категоричен дека нашите две земји имаат интерес за доверба и соработка за слобода на патување и развој на економските врски, за зрелост и предвидливост.

-Самиот договор не го носи ова, но создава услови да се случат овие работи. Враќањето назад ќе биде штетно за граѓаните на Република Северна Македонија и ќе создаде недоверба не само кај Бугарија, туку и кај целата меѓународна заедница. Ќе победат само оние кои сакаат да ја видат земјата изолирана и сиромашна, заклучува дипломатот.

Н.П.

Слични содржини