Во разговор за австриската телевизија ОРФ во понеделникот вечерта за најавениот план на Владата и „возниот ред“ за реактивирање на домашната економија по Велигден, австрискиот канцелар Себастијан Курц рече дека Австрија досега низ корона кризата поминала релативно добро и е „на добар пат“. Тој изрази надеж дека „најлошото ќе се избегне“, пренесува „Вечерњи.хр“.

Успехот зависи, истакна тој, од строго придржување на граѓаните кон владините мерки, особено во оваа „критична недела“ и за Велигден. Тоа е предуслов да се започне со попуштање на мерките и да се реактивира економијата по Велигден, рече тој.

Меѓутоа, како што пишуваат некои австриски медиуми денеска, заедно со позитивните фактори, намалување на дневната стапка на нови пациенти и поголем дневен број на излечени од заразените, загрижувачки е бројот на смртни случаи во последните 24 часа. Само во Виена починаа девет лица и сега има вкупно 53.

Според податоците на австриското Министерство за социјална заштита, здравје и нега, 12.332 лица се заболени од коронавирусот во Австрија, 243 починале, а 4.046 се излечиле.

Најмногу заразени и понатаму има во провинцијата Тирол (2.786), која денеска делумно излезе од карантин.

Слични содржини