Кампања на Општина Карпош по социјалните мрежи за воспитно-образовниот процес

од Aleksandar Petrovski

Општина Карпош, од утре ќе почне со информативна кампања по социјалните мрежи, пред самиот почеток на новата учебна година.

Од општинската прес-служба информираат дека станува збор за кратки разговори со лица кои се директно вклучени во воспитно – образовниот процес: ученик, наставник и родител.

Отааму посочуваат дека тие ќе ги споделат своите размислувања и ставови за начинот на кој треба да почне учебната година, проблемите со кои биле соочени изминатиов период и сл.

Кампањата е насловена како „Нов почеток”, а истата ја најави градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев на својот Фесбук профил.

– На 1 октомври, дел од вас ќе се вратат во училишните клупи, на работните места. Детската насмевка и авторитетот на наставникот, овој пат ќе бидат покриени со маска, но така ќе бидеме заштитени и безбедни. За сите оваа учебна година е ново искуство. Затоа повикувам на одговорност, почитување на заштитните мерки и многу трпение. Знам дека сите не умори оваа пандемија, но само со придржување до протоколите ќе успееме да го вратиме безгрижното секојдневие. Маските ни го покриваат лицето, но никој не може да ја покрие нашата желба за нови знаења, другарства и убави моменти, напиша Богоев во својата објава.

Информираат дека локалната самоуправа изминатиов период интензивно се подготвува за 1 октомври.

– Направена е целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на училиштата. Во сите десет образовни установи во Карпош, се поставија упатства и мерки за учениците, наставниот кадар и родителите. Голем дел од училиштата адаптираа и нови училници, за поголема безбедност за сите. Општина Карпош набави и ИТ опрема за наставниците, кои овие денови се обучуваат за работа на Националната онлајн платформа. Сите сме одговорни за безбеден почеток на учебната година, се вели во соопштението од општинската прес-служба.

Слични содржини