Канада ги повлекува семејствата на дипломатите од Киев

од Nikola Popovski

Канадските власти денеска објавија дека ги повлекуваат семејствата на нивните дипломати во Киев поради „распоредувањето на руската армија“ на границата со Украина, а слична одлука неодамна донесоа и САД и Велика Британија.

„Одлучивме привремено да ги повлечеме децата на вработените во канадската амбасада помлади од 18 години, како и другите членови на нивните семејства“, соопшти канадското Министерство за надворешни работи.

Канадските власти како причина го наведуваат „актуелното руско воено распоредување и дестабилизирачки активности во и околу Украина“.

Американските власти во неделата објавија дека повлекуваат голем број дипломати со нивните семејства, а слична одлука во понеделникот донесоа и британските власти.

Украинските власти од своја страна ваквата одлука ја оценија како прерана и претерана.

Русија распореди десетици илјади војници на границите на Украина во последните месеци, што предизвика страв од инвазија. Иако Москва негира каков било таков проект, Кремљ инсистира на писмени гаранции за неговата безбедност, вклучително и ветување дека Киев нема да се приклучи на НАТО.

Руските вооружени сили денеска започнаа нова серија маневри во близина на Украина и на анектираниот црноморски полуостров Крим. Во вежбите учествуваат околу 6.000 луѓе, борбени авиони и бомбардери.

Фото: Omar Sachedina/CTV News

Слични содржини