Канатларовски за „Локално“: Секој освоен бод на Европското е доволен успех за нас

од Nikola Popovski

Самиот пласман, самиот чин на учеството на Европското првенство ни е буквално чекор напред во фудбалскиот свет. Очекувам нашите таму без почит, без респект кон никого, да почнат да играат и се надевам на позитивна претстава, вели во интервју за „Локално“, македонската фудбалска легенда и моментално дел од стручниот штаб на У-21 репрезентацијата, Драган Канатларовски – Цапар.

Поранешниот селектор на А-репрезентацијата смета дека преку формирањето на Лигата на нации, на најубав можен начин во претпоследната група, го искористивме дадениот момент.

„Актуелното раководство на ФФМ одлично си ја работи работата. Не можеме да кажеме дека фудбалерите и сите селекции се занемарени, затоа што се работи на највисоко можно ниво, посебно со младите“, потенцира Канатларовски во интервјуто.

На прашањето дали повторно би се кандидирал за селектор, после завршувањето на договорот на Игор Ангеловски, популарниот „Цапар“, кој воедно е меѓу првите македонски тренери со тренерска про-лиценца на УЕФА,  вели дека тоа место треба да му припадне на друг и дека неговите размислувања во моментов се младите.

Какви се шансите на нашата репрезентација на претстојното ЕП, со оглед на не толку атрактивнатата, но силна група?

Најискрено овие се сите наши херои, кои го направија најдобриот успех досега. Самиот пласман, самиот чин на учеството на Европското првенство ни е буквално чекор напред во фудбалскиот свет. Очекувам нашите таму без почит, без респект кон никого, да почнат да играат и се надевам на позитивна претстава. Ништо не очекуваме спектакуларно, неатрактивна група, но многу силна и секој освоен бод и оставен впечаток за нас би било доволно. Иако потајно се надевам дека ќе стигнеме многу подалеку, што е моја желба.

Сметате ли дека сегашниот формат на УЕФА ни „помогна“ да стигнеме до едно големо натпреварување?

Овој сегашен формат на УЕФА многу ни помогна. Преку формирањето на Лигата на нации во овој момент, на најубав можен начин, во претпоследната група го искористивме. Бевме најдобри меѓу еднаквите, што значи дека самиот пласман беше многу подостапен и полесен, за разлика од претходните генерации кои исто така имаа доста квалитет, посебно таа нашата прва генерација после осамостојувањето на државата. Тогаш противниците во тогашните квалификации, ни беа навистина потешки и тешко беше да се стигне до некое натпреварување. Од друга страна, голем пех за нас беше што ние бевме веќе во зрели години, голем број од фудбалерите, преку 31, 32 години. Така да, бевме една таква голема група на толку искусни, возрасни фудбалери, кои многу дадоа во поранешна Југославија, но не ни се погоди моментот за да ја одведеме нашата репрезентација. За денешната генерација сакам да кажам дека сосема заслужено се изборија за ваквиот пласман.

Како ја коментирате ситуацијата со дресовите и промената на боите?

-Нашата боја на дресови се знае која е, жолто-црвена или црвено-жолта, во зависност од каде играме. Сигурно гласот на навивачите допре, но сигурен сум дека, од тоа што јас го знам, преку дописите со компанијата ЈАКО, направена е грешка и таа грешка се исправи веднаш, меѓутоа не ни требаше да дојде до такво нешто. Сепак излезе УО на ФФМ, односно претседателот со изјава и си призна дека дојде до грешка и кажа дека во некој во нашите служби затаи. Што е тоа затајување, јас навистина не знам. Се врати старата комбинација и тоа е исправна одлука. Иако желбата беше сосема поинаква, меѓутоа не се совпаѓа бојата од првиот модел кој беше доставен до последната изработка што не е наша боја.

ФФМ веќе подолг временски период е под критики од фановите, а во последно време и на властите. Според вас, како работи актуелното раководство? Како го оценувате?

Актуелното раководство на ФФМ одлично си ја работи работата. Не можеме да кажеме дека фудбалерите и сите селекции се занемарени, затоа што се работи на највисоко можно ниво, посебно со младите. Не може да се каже дека челните луѓе лошо работат, со оглед на тоа што сега сениорската репрезентација, а претходно и младата се пласираше на Европско првенство. Јас работам со младите селекции (моментално дел од стручниот штаб на У-21 репрезентацијата) и како никогаш досега, акцентот е ставен токму на нив, на работа, ги имаат најдобрите услови и третмани во историјата на фудбалот кај нас, во однос на тренажен процес, избор за услови за работа, опрема, во однос на хотелско сместување. Без конкуренција, ова е најдоброто досега, а јас сум од првиот ден во репрезентацијата и фудбалот кај нас, од првата официјална средба на сениорите во Крањ, Словенија, па до ден денес. Кадетите и младинциите имаат трипати обезбедено учество во елитни рунди, што значи дека фудбалот во Македонија е во голем подем.

Кое е вашето видување за иднината на мак-фудбалот? Како да продолжиме со развојот за континуирано да учествуваме на големите натпреварувања?

-Овој формат на натпреварување ни дава право да се надеваме на континуиран успех. Имаме доста фудбалери и талентирани млади кои доаѓаат. 14 играчи беа дел од претходните две генерации и само ковид-пандемијата оневозможи младите пак да се борат за Европско првенство преку бараж. Тоа е формулата. Клупскиот фудбал мораме да го подигнеме на повисоко ниво. Мора нешто да се превземе околу тоа, бидејќи репрезентативниот фудбал е на многу повисоко ниво во моментов, повисок рејтинг и тоа се гледа од резултатите.

ФК Вардар неславно испадна во Втората македонска лига. Според вас, кој е виновникот и дали очекувате повторно негово брзо враќање на големата сцена?

Виновниците за состојбата во која се најде Вардар се сите оние кои го доведоа на ова ниво. Срамота е еден гигант, во кој што поминаа плејада на фудбалери, во кој што и јас имам големо учество, пет години како играч, во најубавото време, шампиони на поранешна Југославија и четири години како тренер, односно спортски директор. Значи голем период од животот бев таму, многу дадов за Вардар и клубот ми овозможи афирмација и затоа ми е многу жал за ова што му се случува. Од оваа ситуација јас лично сум немоќен да направам нешто повеќе како поединец. Многу сум загрижен и револтиран што се доведе клубот во една ваква ситуација. Не можам да се помиран дека ќе игра во Втора лига. Вардар е нешто посебно за Македонија, Скопје и сите љубители на фудбалот.

На селекторот Ангеловски му завршува договорот со ФФМ и репрезентацијата после завршувањето на Европското првенство. Дали вие повторно би се кандидирале за селектор? Дали имате желба да ја водите репрезентацијата?

-Откако ќе му заврши договорот на селекторот Ангеловски , нормално е да си бара друга средина, затоа што ова се големи успеси што ги направи и се разбира дека има нешто има во план. Конкретно за мене, јас веќе двапати бев селектор на сениорската репрезентација и мислам дека тоа место да му припадне на друг. Моите размислувања не се за таму, затоа што многу брзо се сеќавањата од мојот последен мандат. Јас сакам да работам со младите, убаво ми е тука и сум сигурен дека ќе произведеме нови репрезентативци, нов Барди, нов Елмас, нов Пандев. Затоа би сакал мојот придонес да биде тука, затоа што моето искуство што како фудбалер, што како тренер не е мало и знам дека имам што да им покажам на младите фудбалери. Кој и да дојде како селектор после Европското, ќе има максимална поддршка од мене и сигурно дека кај нас има квалитетни луѓе кои можат да се справат. Се докажа дека со македонски тренери во млада и А-репрезентација, тимовите фунционираат добро. Голем удел во сето ова има и тимот од сенка, Управниот одбор на ФФМ, на чело со претседателот Сејдини, кои безрезервно создаваат услови, за нашите момци да го покажат својот талент и раскош.

Н.П.

Слични содржини