Канје Вест и натаму кандидат за претседател на САД, ќе се појави на листата во Оклахома

од Aleksandar Petrovski

Американскиот рапер Канје Вест уплатил 35.000 долари надомест за да се кандидира како независен кандидат и ќе се појави на гласачкото ливче во сојузната држава Оклахома, пренесува „Гардијан“.

Вест е еден од тројцата кандидати кои платиле партиципација за учество на изборите како независни кандидати. Негови конкуренти меѓу независните се пијанистката Џејд Симонс и претприемачот Брок Пирс.
Претходно, советникот на Вест, Стив Крејмер, рече дека тој се повлекол од изборите.

Вест веќе го пропуштил крајниот рок за пријава за изборите во неколку сојузни држави, но условите за тоа се разликуваат од една во друга држава. Во Оклахома е потребно да се соберат 35.592 потписи или да се уплатат 35.000 долари, додека во Колорадо сумата изнесува само 1.000 долари.
Канје Вест ја објави својата кандидатура на 4 јули, откако претходно го пофали Доналд Трамп. Сепак, во интервју за „Форбс“, тој рече дека ја „симнува црвената капа“ која се однесува на заштитниот знак на Трамп – „Make America Great Again“ („Да ја направиме Америка повторно голема“).
Вест и претходно најавуваше дека ќе се кандидира за претседател на САД. На музичките награди на МТВ во 2015 година изјави дека ќе се кандидира на изборите во 2020 година. Но, лани се премисли и напиша дека ќе се кандидира во 2024 година. Претходно најави дека неговата програма ќе биде микс од ставови на Трамп и на демократот Берни Сандерс.

Слични содржини