Капиталната инвестиција во јужната долина на реката Вардар обезбедува навремено и квалитетно наводнување на нови 2.150 хектари за модерно земјоделство

од Nikola Popovski

„Во предвидениот рок е реализирана втората фаза на „Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар”, што за земјоделците значи намалување на трошоците за производство и предуслов за осовременување на агро-секторот. Станува збор за модерен систем за водоснабдување во земјоделството, кој е од витално значење за овој крај. Без правилно и рационално управување со водните ресурси и без современи системи за наводнување, не можеме да зборуваме за развиено земјоделство”, рече премиерот Зоран Заев по повод изградбата на системот за наводнување со кој се обезбедува навремено и квалитетно наводнување за вкупна површина од 2.150 хектари на територијата на Општина Валандово, а ги опфаќа населените места Удово, Јосифово, Калково и Пирава.

На настанот се обратија и вицепремиерот Љупчо Николовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов, како и заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф, а присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Премиерот Заев рече дека со ваквите инвестиции се зголемува конкурентноста на земјоделство, а тоа значи и подобри услови за работа и живот на населението во целиот валандовски регион.

„Модерно, конкурентно, извозно ориентирано земјоделство е еден од нашите приоритети. Даваме силна поддршка за земјоделството и затоа од голема важност е да се користат сите повици и програми на Владата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство. Заеднички ќе направиме сѐ за да ги искористиме максимално средствата наменети за агро-секторот и руралниот развој. Имаме ресурси. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и Платежната агенција се ставени во систем за информациите да допрат до земјоделците и да се искористат достапните средства и знаење. Заедничка цел ни е развој на македонскиот аграр и поголем рурален развој во земјата, а со тоа и на севкупната економија”, подвлече премиерот Заев и упати честитки за успешната работа на сите инволвирани во процесот.

Вицепремиерот Николовски рече дека севкупната инвестиција е над 24 милиони евра, и заедно со првата фаза од проектот, се комплетира оваа успешна инвестиција, што е од исклучително значење за валандовско-гевгелискиот регион.

„Огромна инвестиција сметам дека треба да е пример за тоа како ние политичарите треба да постапуваме одговорно кон интересите на граѓаните, кон она што е наша обврска и што побрзо да создадеме сè подобри услови за земјоделците, особено за оние од овој регион коишто тоа го работат. Но, имавме и визија, не застанавме тука, туку уште тогаш работевме на она што денес, еве повторно, се гледа како реалност низ постапките, а тоа е одлуките кои Владата ги носеше за дополнителни 100 милиони евра за четири нови системи за наводнување. Денес сме сведоци на овој систем за наводнување кој го пуштаме во употреба, но ја имаме визијата и веќе Министерството и сите структури работат и на Јужно-вардарска долина трета фаза, и на Пепелиште и на Лисиче и на сите останати системи за наводнување за коишто верувам дека сведоци ќе бидеме во наредниот период”, рече вицепремиерот Николовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа рече дека без вода, нема конкурентно земјоделско производство.

„Без модерни системи за наводнување, нема развој на агро-секторот. Секоја нова педа земја до која ќе дојде вода, е успех на една Влада. Токму затоа, денешниов ден е од историско значење за државата, за институциите, за општините, а најмногу за земјоделците од овој регион. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство континуирано ја зголемува конкурентноста на земјоделскиот сектор. Во целиот тој процес наводнувањето има огромна улога. Токму затоа, Министерството ќе продолжи да се залага за изградба на нови системи за наводнување. Во Инвестицискиот план за управување со водите и инфраструктурата за наводнување, предвиден е буџет за рехабилитација и модернизација на постоечката инфраструктура за наводнување, како и поправка на мали брани и резервоари. Изработени се основни проекти за мали системи кои треба да се градат во иднина и за кои е обезбедено финансирање”, рече министерот Хоџа и упати честитки до директорот Горан Ангелов, кој успешно го менаџираше проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар.

Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов истакна дека завршена е најголемата инвестиција од постоењето на Општината и реализиран е проект од суштествено значење за општинскиот развој и перспектива.

Слични содржини