Каракачанов: С. Македонија сакаше да нè „измами“ со потпишувањето на Договорот за добрососедство

од Nikola Popovski

Антибугарската реторика во С. Македонија продолжува поради „старите комплекси“ што беа создадени за време на социјалистичката ера, изјавил министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов.

„За жал, со Македонија во моментов владее политичка елита која ја започна својата кариера за време на комунистичка Југославија, кога Бугарија беше претставена како главен непријател. Македонските политичари не успеаја да се ослободат од тој југословенски комплекс во последните неколку децении и во желбата да воведат нов идентитет на својот народ, тие продолжија да водат антибугарска политика“, рече тој во интервју за бугарскиот весник „Труд“.

Според него, македонските власти решиле да ја „измамат“ Софија со потпишување на Договорот за добрососедство во 2017 година, но сепак, и покрај тоа, тие продолжиле да ја следат својата реторика.

Во исто време, Каракачанов нагласил, дека од моментот на потпишување на тој договор, Македонците не смениле ниту еден збор во своите учебници во кои се презентирани „неточни информации за историјата на Бугарија, како и за самите Бугари“.

„Политичарите во Скопје сметаа дека лесно можат да поминат низ и да се приклучат на ЕУ облечени во тие југословенски униформи, но Бугарија едноставно рече – не може така“, изјавил тој.

Каракачанов исто така рекол дека нашата земја нема причина да се надева дека позицијата на Бугарија ќе се промени по парламентарните избори во земјата на 4 април.

„Ако не ја променат антибугарската политика, ако не престанат да се изживуваат со бугарското малцинство во Македонија, шансите за влез во ЕУ се непостоечки“, заклучил тој.

Слични содржини