Карикатурата на Ердоган во „Шарли ебдо“ предизвика бес во Турција

од Vladimir Zorba

Турција му возврати на францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“ поради неговата нова насловна страница, на која е прикажана карикатура на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој се гледа како да е погоден од струја во када.

Списанието го објави своето неделно издание во средата, три дена по изборите во Турција, на кое се гледа како претседателскиот кандидат е гол во када, држејќи сијалица, погоден од струја.

На насловната страна со светло жолто-црвена карикатура пишува „Ердоган: Како Клокло, само судбината ќе не ослободи од него!“.

Клокло бил прекарот на францускиот поп пејач Клод Франсоа, кој во 1978 година починал од струен удар додека се обидувал да поправи сијалица во својата када.

Неколку турски функционери го критикуваа медиумот за насловната страница, во време кога Ердоган се подготвува за вториот круг од изборите на крајот на месецот, на кои тој бара нов мандат на власт, кој го има веќе 20 години.

„Публикациите како „Шарли Ебдо“, чија единствена мотивација е да исфрли омраза против исламот, продолжуваат јасно да го таргетираат нашиот претседател Ердоган бидејќи тој е еден од најконзистентните муслимански лидери во модерното време“, рече турскиот директор за комуникации Фахретин Алтун во подолг твит.

„Нема да паднеме во нивната замка, но ќе продолжиме да ја повикуваме нивната гнасна ксенофобија која се обидуваат да ја продадат како слобода на изразување“, рече тој.

Ибрахим Калин, советникот на Ердоган, исто така твитна дека вториот круг од претседателските избори на 28 мај ќе докаже колку е популарен актуелниот претседател.

„Ако „Шарли Ебдо“ полуде… ние сме на вистинскиот пат“, рече тој.

„Нашиот народ ќе ви го даде најдобриот одговор, уште погласно, на 28 мај“.

Слични содржини