Карпош и Општина Л-Исла (Малта) заедно ќе аплицираат кон ЕУ фондовите

од Nikola Popovski

Првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и градоначалникот на Општина Л-Исла (Малта), Клајв Пулис, денеска претпладне во хотелот Александар Палас, одржаа заедничка прес-конференција по повод официјализирање на договорот за збратимување помеѓу овие две локални самоуправи. Инаку, станува збор за  прв документ од овој вид кој го потпишува оваа малтешка општина со македонска локална самоуправа, и истиот ќе се потпира врз традиционално пријателство меѓу своите граѓани, имајќи ја предвид заедничката цел за зајакнување на нивната размена и соработка во области од заемен интерес.

Во таа насока, градоначалниците Јакимовски и Пулис го потпишаа меморандумот за збратимување, кој во основа е инициран од потребата за меѓународна соработка и учество во ЕУ проекти. Тоа подразбира преземање на низа заеднички активности при аплицирање во проекти од областа на локалниот развој, енергетската ефикасност, квалитетот на локалните и социјалните услуги, инфраструктурата, младинските политики, како и проекти од полето на спортот и образованието.

-Особено сум горд што по иницијативата на Општина Л-Исла ја реализиравме оваа средба и секако овој договор за збратимување и меѓусебна соработка, кој произлезе од потребата за подобрување на животните услови на граѓаните од двете локални заедници. Посебно ме радува фактот што заедно ќе настапиме пред развојните европски фондови, каде што треба да бидеме инвентивни при подготовка на нашите проекти. Во текот на овие неколку денови воспоставивме прекрасно пријателство со нашите малтешки пријатели, каде што се уверивме дека нашите две култури се речиси идентични. Наредниот месец, делегација од Општина Карпош треба да учествува на официјалната презентација на ЕУ фондовите во Малта, што уште еднаш укажува за сериозноста на оваа соработка – потенцираше Јакимовски.

На церемонијата присуствуваа и претставници на Советот на Општина Карпош,  каде што беше постигнат заеднички заклучок дека локалните самоуправи треба да развијат заемни релации меѓу своите заедници, и притоа да креираат и спроведуваат програми кои ќе промовираат посилни односи.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Л-Исла, Клајв Пулис, кој во оваа пригода им се заблагодари на домаќините на топлото добредојде и на гостопримството во општина Карпош.

-Искрено се надевам дека ова пријателство ќе ги зајакне врските помеѓу нашите две заедници, кое ќе резултира и со имплементација на нови проекти од кои ќе имаат полза нашите сограѓани. Нашата заедничка соработка во меѓународниот сектор, претставува одлична можност за размена на искуства, практики и промоција на нашите локални самоуправи. Во Малта живеат и работат голем број Македонци и токму затоа, од особена важност е да работиме заедно со зголемен интензитет во различни сектори. Притоа, цврсто сум убеден дека  процесот на апликацирање  кон  Европските фондови ќе биде успешен, и оттука можам да констатирам дека ни претставува посебна чест што Карпош, набрзо ќе стане наш партнер при аплицирање на проекти на кои ќе учествува и општината Л-Исла – истакна градоначалникот Пулис.

Слични содржини