Казните за невакцинирани против Ковид стануваат реалност во Европа

од Vladimir Zorba

Од 17 јануари 2022 година, невакцинираните Грци постари од 60 години ќе плаќаат казни од 100 евра месечно, пишува Блумберг. Кај нашиот јужен сосед вакцинацијата за постарите е задолжителна, врз основа на податоците дека 9 од 10 смртни случаи поврзани со коронавирус се во оваа возрасна група.

Задолжителна вакцинација за лицата над 60 години беше објавена во ноември 2021 година, а тогаш податоците од Министерството за здравство покажаа дека околу 520.000 Грци од оваа група не се вакцинирани. Во последните месеци нивниот број е намален за 220.000, а некои други се обидуваат да добијат исклучок од правилото, велејќи дека не можат да се вакцинираат од медицински причини.

Средствата собрани од казните ќе бидат распределени по болниците во земјава.

Задолжителна вакцинација и санкции за лицата кои не ја почитуваат, исто така, се наметнува и во Австрија. Денеска (16 јануари) Владата го претстави својот план за вакцинација од 1 февруари. Со него се предвидува задолжителна вакцинација за сите над 18 години, како и одреден грејс период пред изрекувањето на казните – средината на март, во случај на непочитување на прописите.

Според владините проценки, 7,7 милиони луѓе се предмет на задолжителна вакцинација – австриски државјани и постојани жители. 1,4 милиони од нив се уште не се вакцинирани. Само 2,5 милиони Австријци примиле бустер доза, покажуваат податоците.

Ослободување од обврската да се вакцинираат ќе имаат само бремените жени, лицата со медицински контраиндикации, како и оние кои биле болни до 180 дена. Полицијата и другите институции од 15 март ќе имаат право да го проверат статусот на вакцинација и да изрекуваат казни за невакцинираните лица.

Санкциите би можеле да достигнат 3.600 евра, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер, цитиран од Блумберг. Дополнително, луѓето без вакцина ќе бидат ограничени и нема да можат да посетуваат продавници, освен за основни стоки, ресторани или хотели. Сепак, идните мерки може дополнително да ги заострат ограничувањата и да ги спречат оние кои не се вакцинирани против коронавирус да стигнат до своите работни места.

Речиси 20.000 луѓе протестираа во Виена против плановите на владата во саботата (15-ти јануари).

Идејата за задолжителни вакцини добива на сила во Европа. Италија размислува да ја направи имунизацијата против коронавирус задолжителна за лицата постари од 50 години, а францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе ги „отежни“ животите на невакцинираните.

Стапките на вакцинација во Грција и Австрија се под просекот на ЕУ.

Слични содржини