КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд веќе управува со 15 милиони евра издвоени за дополнителна пензија

од Maja Serafimova

Според податоци на Друштото, средствата со кои управува КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, а кои членството ги издвојува на доброволна основа, на крајот на октомври 2019 година веќе изнесуваат 15 милиони евра. КБ Прво пензиско друштво, веќе 10 години управува со средствата на КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд, кои во него граѓаните и компаниите ги издвојуваат за дополнителна пензија и посигурни пензионерски денови. На крајот на минатата 2018 година, според податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), друштвото управуваше со околу 13 милиони евра.

 

Примарна цел на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување е обезбедување повисок приход по пензионирањето за осигурениците кои се веќе осигурени во едностолбниот, односно во двостолбниот пензиски систем. Но исто така е и начин за обезбедување пензија за оние кои не се опфатени со задолжителното пензиско осигурување и на овој начин можат да издвојуваат средства лично за себе или тоа за нив да го прават други лица. Во третиот столб може да издвојуваат и компании или здруженија на граѓаните кои преку професионални пензиски шеми организираат и финансираат дополнително пензиско осигурување за своите вработени, односно членови.

Членот, уплаќачот и осигурителот во доброволните фондови имаат право слободно да ги одредуваат висината на уплатениот износ и динамиката на уплатата, а промената на висината на уплатата, или прекинот на уплатата не влијаат на правото на членство во фондот, односно не значат прекин на членството. Износите на доброволните придонеси ги определува осигурителот, за сите учесници во професионалната пензиска шема, која тој ја организира и ја финансира и ги определува како процент од платата на членот или пак фиксен износ, кој е вклучен во професионалната пензиска шема.

Средствата од третиот столб можат да се повлечат најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија, што во моментов би значело најрано на возраст од 54 години за мажи, односно 52 години за жени. Средствата може да се исплатат со еднократна или повеќекратна исплата, со програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со доброволен пензиски фонд, како пензиски ануитет преку друштво за осигурување или со комбинација од овие опции. Издвоените средства се наследни.

Средствата со коj управува КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд се инвестираат за да се обезбеди што поголем принос за членството, а под постојан надзор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.

Друштвото и во иднина ќе продолжи со највисок степен на грижа за средствата на своите членови.

 

Слични содржини