Ќе биде ли клучна „независната осумка“ при носењето на новиот Закон за ЈО?

од Vladimir Zorba

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција во партиското седиште вчера изјави дека преговара за дво-третинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство и дека носењето на Законот би било силна алатка за отпочнување преговори со Европската Унија.

„Работните групи за Законот за ЈО се во контакти, но постојат и работни групи за Изборниот законик. И двете гурпи се доволно политички капацитетни и кредибилни за да разговараат за приближување на ставовите. Уште еднаш напоменувам, се работи за Закон кој треба да се донесе со дво-третинско мнозинство во време кога предметите на СЈО се осигурани, тие се под контрола на републичкиот ЈО и ствара атмосфера и обврска да продолжиме да преговараме и да изнајдеме решение кое што е добро за граѓаните и во функција на укажувањето на Венецијанската комисија, Европската делегација и Европската комисија. Верувам дека вакво законско решение можеме да донесеме“, рече Заев.

Тој додаде дека би бил среќен ако до 11 февруари, односно пред распишувањето на изборите и распуштање на пратениците, се донесе Законот или воопшто се обидат да гласаат за него во Законодавниот дом.

„Верувам дека околностите по изворите нема да се сменат, па ништо позначајно нема да бидеме доведени во состојба, само разликата ќе биде што сега ќе дадеме аргументи ЕУ да ни биде од помош“, кажа лидерот на СДСМ.

Заев истакна дека би седнал на преговарачка маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но дека по вчерашната изјава на првиот опозиционер, не знае дали воопшто да свикува или не лидерска средба.

„Кога ќе ја слушнете изјавата од Охрид, не знаете дали да свикате или не лидерска средба, човекот нит се води нит се гони. Немам проблем јас да свикам, мене да ме свикаат. Верувам дека ќе се изнајде решение, но човек кој не сака решение вака прави, за да одврати било каква желба за средба. Ќе се обидам прво со осумтемина пратеници, бидејќи тие гласаа за ЕУ и НАТО, а ова е потребно за ЕУ. Спремни сме за флексибилност се до таму до каде е дозволено. Не сакаме Закон за кој ќе не критикува Европската Унија“, нагласи претседателот на владејачката СДСМ.

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го разгледува текстот на предлог-законот за Јавно обвинителство, кој е четврти по ред, откако за претходните три власта и опозицијата не можеа да ги приближат ставовите.

По изјавата на Заев, извори од „независната осумка“ за Локално соопштија дека во најновиот предлог закон има имплементирано неколку измени кои ги предочиле повеќе пратенички групи, што според нив е добро, но откако детално ќе го разледаат текстот, до крајот на неделава ќе седнат да разговараат и ќе донесат одлука дали ќе дадат зелено светло за Законот за Јавно обвинителство.

Независните пратеници ќе поднесат и свои предлози со цел подобрување на текстот на Законот, за кои како што велат, се надеваат дека ќе бидат прифатливи за власта, а со цел што е можно подобар Закон за Јавно обвнителство.

Потпретседтелот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на прашање од новинарите изјави дека партијата цврсто стои дека е потребно европски закон, но остануваат на својата цврста страна дека закон како што предлага лидерот на СДСМ нема да биде донесен.

– Не можам да зборувам во името на осумте пратеници што они ќе договорат со Заев, тоа е сепак нивна работа, но ВМРО-ДПМНЕ и нашите пратеници ќе си останат на политиката што ја води ВМРО-ДПМНЕ, а секако и целото раководство. Европски закон треба, треба да има реформи насекаде во државава и ние овој период ќе го поминеме се разбира во дебата, и разговори со СДСМ, вели тој.

Францускиот амбасадор Кристиан Тимоние по средбата со лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера изрази уверување дека ЕУ ќе подготви нова методологија која ќе биде во интерес на земјите кандидатки за членство во Унијата, го поздрави напредокот на Северна Македонија додавајќи дека се уште има простор за напредок во реформите, а за тоа е потребно и носењето на Законот за јавно обвинителство, како и зајакнување на борбата против криминалот и високата корупција.

Минатата недела и еврокомесарот Оливер Вархеји при посетата на Скопје порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе новиот закон, што било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.

За денес е најавена средба помеѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и разговори за тоа како да се продолжи со дијалогот. Од опозициската партија ја потврдија средбата, но посочуваат дека тоа не значи дека ќе се дојде до договор.

Слични содржини