Ќе доведе ли до уште поголема поларизација во македонското општество референдумот за преговарачката рамка?

од Vladimir Zorba

Најголемата опозициска партија засега не отстапува од идејата граѓаните преку референдум да го искажат своето мислење за прифаќањето на Преговарачката рамка заедно со билатералниот договор со Бугарија.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во разговор за „Локално“, вели дека Владата нема да организира референдум на кој граѓаните би се изјасниле во однос на т.н. француски предлог.

-Предлогот за референдум потекнува од опозицијата, но и тие се уште немаат конкретен став како би се организирал референдумот, кое би било прашањето и какво би било влијанието врз процесот на преговори со ЕУ. За да не бидат подложни на манипулации и да можат да изградат рационален став, граѓаните мора да добијат одговори на овие прашања. Според информациите во медиумите, конкретниот предлог за референдум опозицијата ќе го презентира кон крајот на следниот месец. Тогаш ќе отвориме дискусија во органите на ДОМ и ќе завземеме став, подвлекува таа.

Морачанин е на мислење дека референдумската кампања би довела до уште поголема поларизација во македонското општество, поради како што објаснува таа „навредливата реторика и тензичната атмосфера во тек на дебатата за т.н. француски предлог“.

-Мислам дека референдумско изјаснување на граѓаните ќе беше целисходно, доколку се организираше пред усвојувањето на Преговорачката рамка, а не пост фестум. Не очекувам да се постигне цензус на референдумот. Но, имајќи ја предвид навредливата реторика и тензичната атмосфера во тек на дебатата за т.н. француски предлог, референдумската кампања сигурно ќе доведе до уште поголема поларизација во македонското општество, што особено ме загрижува. Сметам дека сите општествено-политички чинители мора да придонесат за намалување на длабоката поделеност, смета лидерката на ДОМ.

Од Движењето на Биљал Касами, БЕСА смета дека референдумот е непотребен, бидејќи како што објаснуваат тоа може само да го забави процесот на интегрирање на државата во Европсла Унија

-Референдумот е демократско право и гарантирано со устав, но бидејќи за слична ситуација еднаш имаше референдум и го знаеме исходот од истиот цениме дека референдумот е непотребен бидејќи само може да го забави процесот на интегрирање на државата во Европската Унија. На неколку наврати апсолутното мнозинство на граѓани се изјасниле дека се „ЗА“ побрзо приклучување во Европската Унија и затоа цениме дека во овој случај не треба да има референдум на ова тема, велат од движењето БЕСА, за „Локално“.

ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски деновиве ја разгледува идејата и се прават консултации за референдумското прашање.

-Во периодот кој следи ќе продолжат консултациите со експертите, со јавноста околу тоа каква форма ќе биде референдумо- задолжителна, консултативна, кога би се оддржал тој референдум, кој би го поднел, дали пратениците, дали тоа ќе бидат 150 илјади граѓани , дали ќе биде референдум претходен или последователен, дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот на преговарачката рамка кој што се повикува на билатералниот договор со Бугарија и изворот на проблемите, а тоа е Протоколот. Тоа се работите кој што треба да го заштитат македонскиот идентитет, изјави Мицкоски.

Б.М.

Слични содржини