Ќе има ли Трета светска војна?

од desk2

Додека САД и Русија ги стегаат конците околу Сирија сите се прашуваат дали ќе има нова светска војна. Ако тоа навистина се случи, штетата ќе биде непроценлива. Што ќе одлучат Трамп и Путин?

И онака лошите односи на двете светски сили ги заостри наводниот напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума, во кој, како што велат активистите за човекови права животот го загубиле најмалку 70 лица, додека, според податоците на Светската здравствена организација, помош од доктори поради труење со хемиско оружје, побарале околу 500 лица.

Двете седници на Советот за безбедност на ОН не дадоа никакви резултати во насока на смирување на тензиите. Воените закани се преселија на Twitter и Facebook, кога претседателот на САД ѝ се закани на Русија дека пристигнуваат „убави и паметни ракети“.

На тоа доби и одговор од официјална Москва, од каде велат дека Америка планира да ги лансира тие ракети, за всушност да ги уништи доказите дека хемиски напад воопшто и немало. Тоа се само фрагменти од сириската комплицирана сложувалка, а светот со право се прашува дали навистина ќе дојде до нова светска војна?

Според проценките на светските аналитичари јасно е дека Америка ја промени политиката кон Сирија уште кога Трамп беше назначен за претседател на САД. Тие потсетуваат дека Обама во еден момент беше подготвен за воена опција во Сирија, но се откажа во последен момент. И тогаш зад САД, како и сега, цврсто застанаа Велика Британија и Франција. И тогаш повод беше хемиски напад.

Русија дури 12 пати стави вето на резолуциите кои ги осудуваат воените злосторства на сирискиот режим и се заканија со санкции, вклучувајќи и вето на продолжување на мандатот за заедничка истрага на ОН и OPCW околу хемиските напади во Сирија.

Трамп поради тоа, е во право како што тврдат аналитичарите, кога вели дека сѐ можело да биде поинаку, ако неговиот претходник Обама бил многу поодлучен и не се откажал од нападот на Сирија. И САД исто така ја одбија руската верзија од резолуцијата за воспоставување на тело за истражување на нападот со хемиско оружје, бидејќи сметаат дека рускиот предлог би овозможил тој тим да биде под нивна контрола, што значи дека доказите околу употреба на хемиско оружје би можеле, ако веќе и не се, да бидат уништени.

Моментот за политичка волја за воена акција до тогаш одамна ќе помине, и се ќе продолжи по старо до следниот инцидент. Вашингтон веројатно тоа го имал на ум кога објави дека ја поддржува истрагата на OPCW, но дека нема да чека на резултат за да одговори.

Не се очекува САД да почне со воена интервенција, бидејќи тие ќе бидат обвинети поради тоа што не ги почекале резултатите од истрагата и дека наводниот напад (кој сѐ уште не е докажан) им бил само изговор за интервенција.

Исто така, под знак прашалник е и легалноста на американскиот напад, и од гледиште на американскиот устав и меѓународните права. Исто така, не смеат да се занемарат и последиците на такви или слични еднострани потези и самоволја на „светскиот полицаец“, како што покажуваат примерите со огромни човечки жртви на инвазијата над Ирак и Авганистан, а во помала мерка и интервенциите во Сирија и Либија.

Од друга страна, не смеат да се игнорираат ниту фактите дека досегашната улога на меѓународните заедници во решавањето на повеќегодишниот конфликт во Сирија покажа потполна неспособност. Земјата е уништена, страдаа повеќе стотици илјади луѓе, а преку милион Сиријци ги напуштија своите домови. Исто така, последниот инцидент со употреба на хемиско оружје е само еден во низата на исти такви.

Многумина го поставуваат и прашањето – Што сега?

Аналитичарите тврдат дека дипломатските обиди на Русија да го спаси сирискиот сојузник од воените акции овој пат се осудени на неуспех. Трамп, барем судејќи по неговите изјави, одлучен е да му наплати „висока цена“ на Асад, кого го нарече „ѕвер кој убива со гас“.

Тоа што Трамп прв пат јавно го осуди и неговиот главен сојузник Владимир Путин и ги прогласи односите со Русија „полоши отколку во Студената војна“, е нешто што е исто така исклучително важно.

Но, САД сигурно ќе се обидат да избегнат конфронтација со Русија, која објективно го носи со себе ризикот од Трета светска војна, а можеби дури и нуклеарна војна. Сирија тоа го знае, поради тоа и веќе добар дел од своите авијации ги тргна во руската воздушна база во Хмејмим.

Сега пред Трамп е критична дилема: Да изврши воени напади кои би биле толку ограничени што нема да претставуваат значаен удар на руската војска и нејзиниот капацитет за да продолжат со бомбардирање на цивили, вклучувајќи и бојни отрови, или да преземе многу поширок напад кој навистина би ги неутрализирал сириските воздушни сили и нивниот хемиски арсенал, но речиси сигурно би нанел штета и на руските и иранските сили.

Клучно прашање: Како ќе реагира Русија?

Возможно е сепак Русија да остане по страна и да не одговори со напад против САД.

Но, исто така лесно е да се замисли и сценарио во кое конфликтот би излегол од контрола: Во него Русија би го активирала својот противвоздушен систем S-400 и би срушила еден или повеќе американски или сојузнички авиони, можеби дури и би потонола и брод од кој се лансирани крстаречки ракети, а Америка на ова би можела да одговори со бомбардирање на противвоздушната одбрана, а можеби и со бомбардирање и на самите воздушни бази во Хмејмим или поморските бази во Тартус, односно со рушење на руски авиони.

Во ваквата низа на напади и против напади, воените загуби од двете страни би можеле драматично да ескалираат. Од друга страна, потенцијалот за ексалација претставува и вклучување на Израел во конфликтот, од каде одамна вршат воени акции со низок интензитет во Сирија, со цел да го спречат зајакнувањето на иранските сили на својата граница.

Слични содржини