Ќе одговара ли Милошоски за тоа што предал лажни снимки против Заев за „Рекет“?

од Vladimir Zorba

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во интервју за „360 степени“ синоќа зборуваше за пријавите и за видео и аудиоматеријалите што пратеникот Антонио Милошоски ги достави до ова обвинителство, а имаа за цел да го инволвираат претседателот на СДСМ и сегашен премиер, Зоран Заев, во случувањата со предметот „Рекет“.

Според нејзината изјава не постојат елементи на кривично дело од страна на Заев и затоа пријавите нема да се процесуираат. Најзастрашувачко е тоа дека доказите кои ги приложил Милошоски, според неа, се лажирани, односно се користеле повеќе разговори за да се спојат во еден, изваден од контекст.

„Се беше предадено на вештачење, во едниот случај диктафон, а во вториот случај беше телефон. Тие беа дадени на компјутерска форензика во рамките на Министерството за внатрешни работи и по екстрахирањето на податоците се вршеа анализи на истите. Од тоа што успеав да го прочитам од тие анализи е дека се работи за повеќе разговори, кои се прекинати, па додадени делови од други разговори. Ние сè уште немаме јавно соопштено одлука, но ќе се донесе резолуција за отфрлање на тие пријави“, изјави Русковска.

По излагањето на Русковска се отвори дилема во јавноста дали сега пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски може да биде повикан на одговорност за тоа што во Јавното обвинителство предал лажни материјали, кои воопшто не можат да бидат докази, а уште помалку да потврдат вмешаност на Заев во досието „Рекет“?

Иако таа не сакаше директно да го користи терминот дека снимките биле „сечени, лепени и монтирани“, како што своевремено Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ велеа за аудио снимките од незаконското прислушување кои ги објавуваше СДСМ, сепак од тоа што го појасни, според нивните анализи се работи за повеќе снимки кои не се целосни, а се додавани повеќе парчиња од различни разговори.

Слични содржини