Ќе предизвика ли предвремени парламентарни избори новиот Изборен законик на власта?

од Берта Китинска

Политичките партии ќе учествуваат во работната група која ќе го изготвува новиот Изборен законик, информираше министерот за правда Никола Тупанчевски.

Од партијата на Павле Трајанов велат дека ако владејачката партија постапи спротивно од своите заложби, и делува против донесување на измените за 1 ИЕ, што е дел од коалициониот договор, тогаш Демократскиот Сојуз сериозно ќе ја разгледа можноста за напуштање на коалицијата.

-ДС инсистира да продолжи расправата во Собранието за нашиот предлог кој е веќе во парламентарна процедура. Претседателот Џафери треба да закаже пленарна седница откако законот беше разгледан во комисиите на Собранието. Се работи за предлог зад кој застанаа неколку помали политички партии и група пратеници. Не е ниту коректно ниту опортуно Владата да оди со нов текст, кога веќе постоечкиот е во процедура. Не ни е познато што содржи предлогот на министерот Тупанчевски, но нови текстови и иницијативи за предлози на измени на законот само ќе ја одолговлечат работата, вели во разговор за „Локално“, Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа и генерален секретар на Демократскиот сојуз.

Тој посчува дека ако за овој закон има работна група во Министерството за правда за нов текст тоа би одзело многу време, појаснувајќи дека партијата, какви било нови предлози и идеи може да се предочат во амандманската расправа на постоечкиот текст.

-ДС очекува СДСМ, но и ВМРО ДПМНЕ да го поддржат предлогот за 1 ИЕ, зашто и двете партии се изјаснија во полза на таквите измени. Ако СДСМ спротивно на своите заложби, криејќи се зад консензус на сите партии за изборниот модел, сепак делува против донесување на измените за 1 ИЕ, што е дел од коалициониот договор, тогаш ДС сериозно ќе ја разгледа можноста за напуштање на коалицијата. Инаку, Демократскиот сојуз не е за предвремени избори, не особено без промена на изборниот модел, како и стабилизација на енергетската и економската криза предизвикана од војната во Украина.Распишувањето избори, пак, зависи од 61 пратеник во Собранието, вели Димитровски.

Од СДСМ велат дека го поддржува воведувањето на една изборна единица и дека партијата е првата која оваа заложба за воведување една изборна единица ја има поддржано јавно и програмски.

-Имаме предвид дека измените на Изборниот законик се носат со консензус од сите политички субјекти и низ инклузивна јавна дебата.Гледаме дека различни партии имаат различно видување во врска со изборниот модел, една опозициска партија има еден став, друга друг став.Бидејќи станува збор за структурни измени на изборниот модел, сметаме дека не треба да се врзуваат со лимитирани кратки рокови, особено во период кога како држава се наоѓаме во специфични околности имајќи ги предвид предизвиците со кои се справуваме настанати од енергетската криза, економската состојба како и процесот на евроинтеграции, вели пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.

Пратеникот посочува дека Изборниот законик треба да се носи во подолг временски период, за истиот да биде направен на начин кој ќе биде спроведлив и адекватен за сите партии.

-Не треба временски да се ограничуваме, туку да се отвори дискусија и да се види кој модел е најдобар за сите политички партии. СДСМ ќе учествува во таа дискусија, заедно со сите коалициски партнери.Во програмата за работа на Владата стои дека изборното законодавство ќе биде усогласено со препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Отворена е дискусијата и за една изборна единица, а СДСМ се произнесе дека ќе разговараме со сите партии, бидејќи Изборниот законик се носи консензуално, со широк консензус, подвлекува тој.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин појаснува дека едната изборна единица кое е барање на ниваната партија наидува на поддршка и од други политички партии како и од граѓаните, доавајќи дека потребно е одговорно и конструктивно дејствување на сите политички чинители.

-Министерот за правда вчера најави формирање работна група за изработка на нов Изборен законик, по однос на забелешките од последните избори од сите засегнати страни, пред се од ОБСЕ и ОДИХР. Секако дека препораките од ОБСЕ и ОДИХР треба да бидат имплементирани и очекувам ДОМ да биде поканет да учествува во работната група.Но, разговорите во работната група не можат да бидат замена на дебатата во Собранието по однос на Предлог-законот за една изборна единица. Овој Предлог-закон го поднесовме во март минатата година и конечно пред два месеца, започна собраниската дискусија и помина во прво читање на Комисијата за политички систем. Сега треба да биде ставен на дневен ред на пленарна седница, по што ќе следи јавна дискусија за да се обезбеди вклученост на сите политички партии, експерти и граѓански здруженија. Една изборна единица е барање на ДОМ и други т.н. помали политички партии, но јавна поддршка добивме и од други политички партии и што е најважно од граѓаните. Истражувањата покажуваат дека граѓаните масовно поддржуваат воведување една изборна единица, подвлекува Морачанин.

Таа посочува дека ставот на зелената партија ДОМ е дека одржување на предвремени парламентарни избори не е во интерес на граѓаните, ниту на државата, особено сега во услови на енергетска и економска криза и војна на европскиот континент.

-Потребно е одговорно и конструктивно дејствување на сите политички чинители, со цел ефикасно решавање на проблемите на граѓаните, а не блокади и тензии во Собранието, за остварување на лични и тесно-партиски интереси, вели лидерката на ДОМ.

ЛДП е потписник на предлог-закон за една изборна единица на која исто така се и ДОМ и ДС, но не се согласува со порадикалниот пристап за напуштање на владејачкото мнозинсто кое Павле Трајанво го најваи во случај ако нема една изборна единица.

-Ние, како пратеници од ЛДП, заедно со другите колеги, сме предлагачи на измените на Изборниот законик, кои предвидуваат воведување на една изборна единица наспроти досегашните шест.Сепак измените на изборниот закон не одат брзо, за тоа се потребни широки политички и меѓупартиски консултации. Факт е дека по тоа прашање се доцни со законското решение, иако истото ќе придонесе за подобрување на парламентарната демократија во државата и ќе поттикне многу позитивни процеси во интерес на граѓаните односно праведно вреднување на гласот, појанува пратеничката Моника Зајкова од ЛДП.

Пратеничката посочува дека расправата по законските измени е започната пред Комисијата за политички систем во Собранието и дека очекува од сите политички партии да ја препознаат потребата за унапредување на демократијата и соодветна претставеност на граѓаните и да дадат поддршка на овие измени.

-Искрено се надевам дека овој пат филибастерингот нема да се користи како можност за блокирање на овие измени. Сепак како партија не го делиме ставот за порадикален пристап бидејќи гледаме со какви предизвици се соочува државата па како што и претходно напоменав не е време за собирање политички поени и водење партиски агенди, туку е време за сериозно решавање на предизвиците и проблемите на граѓаните, вели таа.

Б.М.

Слични содржини