Ќе произведуваме повеќе струја за да не се покачи цената, вели Бектеши

од Берта Китинска

РЕК Битола на залиха има само 40 илјади тони јаглен, а во просек дневно се копаат од 3 до 5 илјади тони јаглен, а во континуитет се носи јагленот од Косово за потребите на „Осломеј”, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој соопшти дека се интензивираат постапките за зголемување на државните капацитети за производство на електрична енергија.

– Во вакви кризи наша цел е да ја намалиме производната цена на ЕСМ затоа што загарантирана цена имаат домаќинствата и малите потрошувачи согласно Законот за енергетика која изнесува 36,1 евра по мегават. Колку што ќе можеме повеќе да ја намалиме цената по мегават на ЕСМ секако дека нема да влијае врз зголемување на цената. И тоа сега го правиме за од 1 јануари да нема зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи, изјави министерот.

Во вторник Владата ќе прогласи и кризна состојба. Бектеши вели дека очекувањата се во текот на следната недела да се префрлат пари на ЕСМ и МЕПСО. Државата на располагање има 100 милиони евра, пари неискористени од Ковид мерките, но сепак Бектеши вели дека буџетот е ликвиден и пари има. Откога ќе се направат проценките ќе се одлучи колку финансиски средства ќе се префрлат на фирмите.

Слични содржини