Ќе се истражуваат сомнителните смртни случаи: Млади луѓе ја губат битката со ковид

од Берта Китинска

Продолжува високата смртност во земјава предизвикана од компликации од коронавирусот.

Вчера бремена девојка од Скопје на возраст од 22 години ја загуби битката со коронавирусот.

„Дваесет и двегодишната пациентка, ковид позитивна, на 26 ноември од ГАК е префрлена во ГОБ ‘8 Септември’ во многу тешка состојба. На Клиниката за Гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, породен е мртов плод со царски рез. Нејзината здравствена состојба била многу лоша и пациентката за цело време била на респиратор“,соопштија од Министерството за здравство.

Државниот санитарен инспекторат денеска ќе го испита случајот со 28 годишното момче кое завчера почина од компликации предизивикани од Ковид.

„Државниот санитарен здравствен инспекторат ќе спроведе инспекциски надзор околу околностите за смртта на 28-годишен пациент од Скопје кој почина на 8 декември од Ковид-19. Оваа инспекција ќе го опфати целиот третман на пациентот од матичниот доктор до болничко лекување каде што починал, информираа од Државен санитарен здравствен инспекторат.

Инспекторите ќе извршат увид на вкупно 25 сомнителни случаи на средовечни и млади пациенти без други здравствени проблеми кои починале во инфективните одделенија. Во моментов се водат истраги за 11 смртни случаи во сомнителни околности.

Според неделниот Извештај на Институтот за јавно здравје, во период од 30 ноември до 6 декември во 25 градови биле регистрирани 184 смртни случаи како последица на Ковид-19. Најголем број заразени се над 60 години, а голем број пациенти се регистрирани и од возрасната група 30-39.

Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 70 883, бројката на оздравени пациенти е 47 364, на починати е 2 051, а бројот на активни случаи изнесува 21 468.

Слични содржини