Ќе се менува ли изборниот модел неполни пет месеци пред изборите?

од Aleksandar Todeski

На неполни пет месеци пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, останува отворено прашањето за промена на Изборниот законик и изборниот модел. Од владејачката СДСМ се на став дека има време за да се донесат овие промени и изборите да се одржат по новиот модел, за разлика од нивниот коалициски парнер ДУИ, од каде пак велат дека за промена на изборниот модел досега не дискутирале во владејачката коалиција. Тие сметаат дека за тоа прашање е потребен поширок меѓупартиски концензус, но и ити тоа не треба да се отвора на само неколку месеци пред изборите.

„Очекувам државотворен капацитет. Партиските интереси да ги ставиме на страна кога се работи за интересот на граѓаните на државата и да го смениме моделот во една изборна единица и да донесеме законска обврска 50/50“, изјави вчера премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека со тоа најмногу добива демократијата во државата и се отстранува можноста од идно поставување на автократии.

Премиерот додаде дека сакал, доколку е можно сите да застанат зад тоа, но во парламентарната демократија се знае ако 61 глас кажат „за“ тоа е закон. СДСМ и Коалицијата, истакна тој, се за една изборна единица и апелираше до ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и тие да се приклучат на ваквите иницијативи и модели.

„Претседателот на Собранието не е овде и нема да зборувам на различноста на коментарите дали има време или нема време. Јас тврдам дека има време, затоа што треба само да се смени гласачкото ливче и сето тоа што е поврзано со гласањето како процес. Огласна табла, како се огласува, како стои на гласањето и сето што е поврзано. Друго нема техника и технологија што ДИК треба да се подготвува и избирачките одбори нешто да се менуваат“, изјави Заев.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера изјави дека за промена на изборниот модел не дискутирале со владиниот коалициски партнер СДСМ.

„Сметаме дека прашањето за изборниот модел е тема за која потребен е поширок меѓупартиски консензус, затоа сметаме дека се почитуваат сите директиви и препораки на ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународната заедница“, истакна Ахмети.

На прашањето зошто ДУИ е против да има само една изборна единица, Ахмети одговори дека тие заклучиле оти нема доволно време за дисикусија и за изработка на нови изборни правила.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, е на став дека не е време за промена на изборниот модел, но и оти доколку се влезе во ваков процес тие како партија ќе се залагаат за 120 изборни единици.

Слични содржини