Ќе се подготвуваат протоколи за новата учебна година: Заев е за настава со физичко присуство

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека здравствените власти со претставници на Министерството за образование ќе работат на протоколи за да може да се донесе конечна одлука дали учениците од септември ќе ја следат наставата со физичко присуство.

Филипче денеска најави дека ќе се прави евалуација на препораките за вакцинација на децата од 12 до 16 години.

„Во нашите планови за пристигнување на вакцини на Фајзер, таа бројка на деца од 12 до 16 години можеме да ја покриеме со количина. И ќе ја зачуваме, ќе ја проектираме да биде за децата. Нормално дека нема да биде задолжителна“, рече Филипче.

Премиерот  Зоран Заев денеска кажа дека е за настава со физичко присуство од септември.

Јас би сакал наставата од септември да биде со физичко присуство ако ситуацијата тоа го дозволува, рече Заев.

„За училиштата имам свој став. Но, секако, најважно е каква ќе биде состојбата кон крајот на август. Сепак, јас лично сум за настава со физичко присуство. Мислам дека ќе имаме стабилна состјба и сега ова, кога бројките се намалени, би требало да биде добра основа за настава со физичко присуство. Ако потоа има потреба ќе одиме со затварање или други мерки“, рече премиерот.

Тој информира дека во понеделник во 9.00 часот Штабот треба да одржи состанок на кој ќе бидат соопштени деталите за евентуалното олабавување на мерките во однос на рестораните за свадби и можностите за присуство на трибините во сали и на стадион.

Слични содржини