Фудбалерите на Баерн се само на неколку чекори од обезбедување нова титула во Бундеслигата, нивната 34-та во историјата, по победата од 3-0 на домашен терен против Мајнц во 31-то коло.
На три кола до крајот, Баерн сè уште има осум бода предност пред Баер, а клубот од Леверкузен има само теоретски шанси да ја одбрани минатогодишната титула.
Баерн на тој начин може да ја обезбеди шампионската титула следната недела кога ќе гостува кај РБ Лајпциг. Тие ќе бидат без својот најдобар играч Хари Кејн, кој го доби својот петти жолт картон на натпреварот против Мајнц, со што автоматски ќе биде суспендиран на еден натпревар.
За Англичанецот, тоа би бил натпревар во кој би го обезбедил првиот трофеј во кариерата по 600 настапи без трофеј. Затоа, не е изненадувачки што е разочаран што ќе мора да го пропушти натпреварот во Лајпциг.
„Пред се, тоа беше луда одлука на судијата. Она што го направив никогаш не требаше да биде жолт картон. За жал, многу луѓе доаѓаат на „Алијанц Арена“ за да се зборува за нив“, ја започна Кејн својата изјава за германскиот весник „Билд“.
„Многу сум разочаран што добив жолт картон бидејќи знаев дека веќе имам четири. Второ, мислам дека правилото е лудо. Пет жолти картони во 34 настапи значат суспензија. Тоа е лудо. Пропуштам важен натпревар бидејќи добив жолт картон во првото коло. Тоа нема смисла. Претпоставувам дека тоа е дел од мојата приказна, дека го пропуштам тој натпревар“, додаде тој.