Кејт Мидлтон фотографирана на бдеењето на убиеното девојче во Лондон

од Vladimir Zorba

Во саботата наутро, луѓето почнаа спонтано да се собираат во паркот Клафам Комон, кој се наоѓа во близина на местото каде последен пат беше видена жива Сара Еверард. Кејт Мидлтон, војвотката од Кембриџ, беше меѓу оние кои дојдоа да оддадат почит.

Официјален претставник од палатата изјави дека Кејт се сеќава како е да се шета сама ноќе.

До вечерта, околу илјада луѓе, претежно жени, се собраа да оддадат почит и да протестираат против заканата што ја чувствуваат кога се сами надвор, пренесува Yahoo online.

Некои од нив им се развикаа „засрамете се“ на присутните полицајци.

Организациите за човекови права сакаа да организираат официјално бдеење но градската полиција во Лондон соопшти дека луѓето не треба да се собираат поради сегашните мерки.

Комесарката Кресида Дик рече дека секое бдеење ќе биде „незаконско и небезбедно“.

Како што растеше напнатоста, полицајците започнаа да влечат неколку жени од собирот во паркот.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, одговорен за градската политика, рече дека одговорот на полицијата „понекогаш не бил ниту соодветен, ниту пропорционален“ и додаде дека тој бара од првата полицајка итно објаснување.

Лидерот на лабуристите Кир Стармер ги нарече сцените „длабоко вознемирувачки“, а конзервативната министерка за внатрешни работи Прити Пател исто така побара од полицијата да ги објасни „вознемирувачките“ сцени.

Претходно во саботата, премиерот Борис Џонсон изјави дека тој и неговата партнерка Кери Симондс сакаат да запалат свеќа за Сара Еверард.

Полицијата во средата го пронашла телото на Сара Еверард во шума, на 80 километри југоисточно од Лондон. Судот соопшти дека нејзиното тело е пронајдено во голема вреќа со ѓубре и дека е идентификувано врз основа на примероци од заби.

Слични содржини