Керик за неговата судбина: Не сакам да се мешам, други одлучуваат за тоа

од Nikola Popovski

Привремениот тренер на Манчестер Јунајтед, Мајкл Керик изјави дека размислувал само за претстојниот меч со Виљареал, како и дека сите во клубот емотивно го доживуваат заминувањето на Оле Гунар Солкјер од тренерската позиција.

„Прво и најважно, помина само еден ден откако се случи сето тоа. Натпреварот не е далеку и се што мислам сега е само натпреварот против Виљареал. Имаме и важен натпревар за викендот, но ќе размислуваме кога ќе дојде време. Сакаме да постигнеме добри резултати, а потоа ќе видиме што ќе се случи понатаму“, изјави Керик.

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед во вторник гостуваат кај екипата на Виљареал, во натпреварот од петтото коло од групата Ф на Лигата на шампионите.

Јунајтед го отпушти Солскјер, по серијата слаби резултати во Премиер лигата и поразот на гостувањето кај Ватфорд (1:4).

Клубот вчера објави дека Керик, исто така поранешен играч на Јунајтед, ќе ја извршува функцијата привремен тренер, додека не се најде долгорочно решение.

Претходно тамошните медиуми објавија дека за тренерската позиција е заинтересиран актуелниот шеф на стручниот штаб на Пари Сен Жермен, Маурисио Покетино.

„Тоа не е нешто во кое сакам да се вклучам. Мојот единствен фокус е на натпреварите. Други луѓе одлучуваат што ќе се случи понатаму“, додаде тој.

Керик оцени дека сите во клубот емотивно го доживуваат заминувањето на Солкјер, кого го познава многу долго и дека е тешко да се види како останал без работа.

„Разбирам дека резултатите значат се. Сакам да изразам голема благодарност. Научив многу. Беше тажен ден и му посакувам се најдобро на Оле“, изјави Керик.

На табелата во групата Ф водат Јунајтед и Виљареал имаат по седум бодови, трета е Аталанта со пет, додека Јанг Бојс е четврти со три бода.

Натпреварот помеѓу Виљареал и Манчестер Јунајтед е закажан за вторник од 18 часот и 45 минути.

Слични содржини