Кесите без рачки на големо ги заменија традиционалните маркет кеси

од Vladimir Zorba

Фабриките за производство на кеси месецов останаа без нарачки на трегерици, односно добро познатите маркет кеси. Негативните ефекти најмногу ги чувствуваат малите погони чија основна дејност беше производството токму на овој тип кеси кои по 1 декември беа исфрлени од употреба. Tие во изјава за „Локално“ веќе најавуваат клуч на врата.

„Јануари е секогаш потежок месец во однос на другите, но сегашната ситуација е неспоредлива од сите претходни.Не ни останува ништо друго освен да ги затвориме погоните“, вели еден од сопствениците.

Последици регистрираат и најголемите производители, иако како што посочуваат, тие во нивниот случај не се драстични бидејќи работат со голема палета на производи, а не само со еден тип кеси.

„Колку и да сакам да бидам оптимист реално ги гледам работите и можам да забележам дека периодот што следи ќе биде многу тежок- конкретно кога станува збор за трегерици или маркет кеси. Имаме многу помалку нарачки од она што сме го имале досега, затоа што луѓето веќе обезбедија залихи и нормално е дека никој не сака да инвестира во нешто за кое не е сигурно дека ќе може финансиски да се покрие“, вели за „Локално“ сопственикот на една од најголемите фабрики за кеси во државата.

Според него, нарачки во периодов има само за оние кеси кои големите фирми ги користат за пакување.

„Нив не им е проблем да направат нарачка бидејќи кесата не се наплаќа, тој нам ни ја наплаќа и дистрибуира во самиот погон. На пример, на фирми што се занимаваат со пакување на храна за индустриите, а кои се снабдуваат со кеси од нас, не им е проблем кесите да продолжат да ги купуваат како и досега. Тие го пакуваат оброкот на работникот во истата кеса која е брендирана бидејќи преку неа се рекламираат фирми и ја дистрибуираат меѓу работниците во погоните“, вели сопственикот на фабриката.

Како нов момент, производителите на кеси ги споменуваат нарачките на кеси без рачки.Ова во пракса значи дека кесите што се користат во пиљари и маркети можат да се користат со истиот состав како и досега, не се наплаќаат, но мора да бидат без рачки. Во меѓувреме, некои од пиљарите кои сеуште имаат големи количини од кесите кои се продаваат за 15 денари се одлучија за наједноставната опција- да ги пресечат нивните рачки. Според производителите ова е разбрирливо бидејќи тие веќе ги платиле кесите, имаат количини и не им е исплатливо да ги фрлат.

„Искрено не знаеме што се добива на тој начин. Кесата е иста, ист е отпадот, можеби, доколку беше со рачки ќе можеше уште неколку пати да се користи, не гледаме никаква разлика“, велат производителите посочувајки дека никаде не пишува дека кесите треба да бидат без рачки.

Единственото официјално сознание кое го имаат е дека до 2023 година ќе се користат постоечките биорагзградливи кеси. Даден е подготвителен рок во кој фирмите ќе се подготват за она што следи – еколошките кеси. Тоа се кеси што ќе треба да се произведуваат од природни материјали или некој друг материјал што ќе биде определен од Министерството за животна средина.

Во меѓувреме и фирмите кои ја произведуваат суровината веќе почнаа да набавуваат материјал што ќе биде погоден за производство на пластични кеси за периодот по 2023 година.Тоа најверојатно ќе биде материјал кој веќе се користи во земјите од ЕУ, за кој се смета дека побрзо се разградува и тоа во различни средини ( воздух,почва , вода).

Од Министерството за животна средина денеска обелоденија дека од 1 декември, кога стапи на сила новиот закон, употребата на пластични кеси е намалена за десет пати, а државата преку еколошкиот фонд на Министерството собрала 235. 000 евра.

К.В.С.

Слични содржини