Ким Јонг Ун ги обиколи војниците со својата ќерка: „Нејзиното присуство испраќа јасен сигнал“

од Stefanija Kuzmanovska

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун ги обиколи војниците по повод 75-годишнината од основањето на севернокорејската армија во друштво на неговата ќерка Ким Јо Ае и во таа прилика истакна дека неговата армија е „сила на која не може да се одолее“, објави севернокорејската државна новинска агенција KCNA.

Неговата ќерка Ким Јо Ае по четврти пат се појави во јавноста покрај нејзините татко и мајка Ри Сол Јо, што ги подгреа шпекулациите дека таа е можен наследник на Ким Јонг Ун, пренесува АП.

Девојчето, за кое се верува дека е второ дете на Ким, има околу девет години.

Државната новинска агенција KCNA го опиша гледањето на Ким и „неговата почитувана“ ќерка како остварување на сонот за воените службеници на банкетот.

На фотографиите се гледа како девојчето оди покрај нејзиниот татко и мајка додека влегуваат во салата, додека воените службеници аплаудираат.

На банкетот, девојчето седело на средината на масата, меѓу мајка ѝ и татко ѝ, пренесува Си-Ен-Ен.

Според аналитичарите, одлуката на Ким Јонг Ун да ја одведе својата ќерка на настани поврзани со севернокорејската војска испраќа сигнал до светот дека нуклеарното оружје е најсилната гаранција за континуираното владеење на династијата Ким.

Во земја каде семејството Ким и војската се моќни, присуството на девојчето на ваков важен настан испраќа јасни сигнали, вели Леиф-Ерик Исли, професор на Универзитетот Ева во Сеул.

„Со вклучувањето на неговата сопруга и ќерка, Ким сака набљудувачите дома и во странство да ја видат неговата семејна династија и севернокорејската војска како неповратно поврзани“, рече Исли.

Слични содржини