Кина ѝ призна на ЕУ: Не сакаме Русија да ја изгуби војната – доколку се случи, САД ќе се свртат кон нас

од Nikola Popovski
63 прегледи

Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји ѝ рекол на шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, дека Кина не сака пораз на Русија во Украина бидејќи се плаши дека САД потоа „ќе го насочат целото свое внимание кон Пекинг“, пишува „South China Morning Post “ (SCMP), дневен весник од Хонг Конг кој често се смета за близок до кинеските власти.

Според неколку извори запознаени со разговорот, Ванг ја презентирал оваа порака завчера за време на неколкучасовниот состанок во Брисел, за време на кој се осврнале на голем број геополитички и економски прашања.

Според истите извори, за време на состанокот со Калас, Ванг ги отфрлил обвинувањата дека Кина воено или финансиски ја поддржува руската агресија против Украина, тврдејќи: „Доколку го правевме тоа, војната ќе завршеше одамна“.

Европските претставници биле изненадени од директноста на кинескиот министер кој, како што велат, им дал на шефовите на европската дипломатија низа „историски лекции“ и предупредувања засновани на принципите на реалполитиката. Ванг, тврдат тие, нагласил дека Пекинг верува дека Вашингтон – доколку ги постигне своите цели во Украина – целосно ќе го пренасочи својот стратешки фокус кон Кина, што би претставувало значаен безбедносен предизвик за Пекинг.

Во Брисел, изјавата на Ванг се толкува како потврда на нешто за кое многу европски дипломати долго време се сомневаат – дека Пекинг, иако не побарал оваа војна, неговата долгорочна стратегија му одговара бидејќи ги поврзува американските ресурси и внимание со Украина.

Досега, Кина се позиционираше како неутрален актер и самопрогласен миротворец во војната во Украина. Редовно тврди дека „не е страна во конфликтот“, но никогаш не ја осудила руската инвазија и одржува блиски политички и економски врски со Москва.

Европската унија долго време го обвинува Пекинг дека ја снабдува Русија со стока со двојна намена, но Кина го негира ова. Кинеското Министерство за надворешни работи, во својата официјална изјава за разговорот со Калас, воопшто не споменува бројни спорни точки. Наместо тоа, нагласуваат дека Кина и ЕУ немаат фундаментални конфликти на интереси и дека двете страни треба „да напредуваат заедно и да придонесат за цивилизацијата на човештвото“.

Слични содржини