Кина бара САД да престане да му продава оружје на Тајван, најавува контрамерки

од Vladimir Zorba

Синоќа Кина им се закани на САД дека ќе преземе „контрамерки“ доколку не се откаже од штотуку најавената продажба на оружје на Тајван, изјави портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон.

„Кина решително ќе преземе легитимни и неопходни контрамерки со оглед на ситуацијата“, рече портпаролот Лиу Пенџи во изјавата.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден претходно објави дека продава оружје во вредност од 1,09 милијарди долари на Тајван. Стејт департментот соопшти дека станува збор за ракети воздух-море Харпун, ракети воздух-воздух Сајдвиндер и, во најголем дел, пакет за логистичка поддршка за програмата за радарско набљудување на Тајван.

Стејт департментот соопшти дека опремата му била потребна на Тајван за „да се одржи доволна способност за самоодбрана“. Администрацијата синоќа го извести Конгресот за продажбата.

Се вели дека договорите се во согласност со политиката на Америка за една Кина. Исто така, го повика Пекинг да го прекине „воениот, дипломатскиот и економскиот притисок врз Тајван и наместо тоа да се вклучи во сериозен дијалог со Тајван“.

Директорката на Белата куќа за Кина и Тајван, Лаура Розенберг доцна синоќа изјави дека додека Пекинг продолжува да го зголемува притисокот, вклучително и зголеменото воено воздушно и поморско присуство околу Тајван и додека се обидува да го промени статус квото во Тајванскиот теснец, САД ќе го обезбедат на островот она што е потребно за „да се одржат неговите способности за самоодбрана“.

Острата реторика меѓу САД и Кина во однос на Тајван значително се засили по посетата на претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајван минатиот месец. По нејзината посета, неколку претставници на американскиот Конгрес го посетија островот, што Кина исто така остро го осуди.

Кина претендира на територијата на Тајван и е решена да ја анексира насилно, доколку е потребно.

Слични содржини