Кина ги повика странските амбасади да ја отстранат „пропагандата“ од нивните згради

од Stefanija Kuzmanovska

Кина информираше неколку странски мисии во Пекинг да не прикажуваат „политизирана пропаганда“ на нивните згради, рекоа дипломатите, додавајќи дека барањето најверојатно се однесува на украинските знамиња истакнати од почетокот на руската инвазија.

Неколку дипломатски претставништва во Кина го истакнаа украинското знаме или истакнаа фотографија од таа земја на својата фасада со посебно осветлување.

„Ние и другите добивме писмо во кое ги повикуваме амбасадите и претставништвата да се воздржат од користење на надворешните ѕидови на нивните згради за ‘политизирана пропаганда’“, изјави за „Ројтерс“ дипломат чија амбасада има слика од украинското знаме, под услов да остане анонимен.

Дипломатот рече дека мисијата нема намера да постапува во согласност со известувањето кое го добиле.

Тројца други дипломати со седиште во Пекинг потврдија дека го добиле известувањето, додавајќи дека иако Кина директно не го спомнала украинското знаме, тоа јасно било насочено кон него.

Неколку недели откако Русија ја започна, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина, плакат со украинско знаме на надворешниот ѕид на амбасадата на Канада во Пекинг беше обезличен со графити против НАТО.

Мисиите на Европската унија, Велика Британија, Германија и Полска во Пекинг, исто така, истакнаа слики од украинското знаме.

Кина повика на мир во Украина, но се воздржа од осуда на Русија, што наиде на критики од западните земји.

Некои амбасади во Пекинг, исто така, веат знамиња со виножито за поддршка на ЛГБТ заедницата, за да го одбележат Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, како и месецот на гордоста на ЛГБТ во јуни.

Слични содржини