Кина ја цензурираше веста за оскаровката Клои Жао поради претходни критики

од Stefanija Kuzmanovska

Кинеското раководство реагираше со цензура и молчење на историскиот успех на доделувањето на Оскар на режисерката Клои Жао, родена во Пекинг.

Главните државни медиуми, вклучувајќи ја новинската агенција Ксинхуа и државната телевизија ЦЦТВ, не ја пренесоа веста дека Жао, американска државјанка која го поминала своето детство во Кина, го добила Оскарот за режија.

Вестите објавени на социјалните мрежи се делумно отстранети.

Портпарол на Министерството за надворешни работи не сакаше да ги коментира вестите, велејќи дека не станува збор за „дипломатско прашање“.

Жао го освои Оскарот за најдобра режисерка на доделувањето на наградите во неделата вечерта. Нејзиниот филм „Номадленд“ исто така доби награди за најдобар филм и главна женска улога, кои ѝ припаднаа на актерката Франсис Мекдорманд.

Жао е втора жена која доби Оскар за режија во 93-годишната историја на таа награда. Таа е исто така прва не-бела жена и прва Кинескиња која освоила Оскар за режисер.

На почетокот на март, кинескиот весник „Глобал тајмс“ пишуваше за Жао како „кинеска гордост“ откако го доби Златниот глобус.

Но, потоа на Интернет во Кина се појави интервју во кое Жао ја критикуваше Кина како „место на лаги“.

Материјалите и линковите на „Номадленд“ беа избришани последните денови, а информациите за филмот исчезнаа од веб-страниците кои продаваат билети.

Слични содржини