Пекинг размислува за укинување или намалување на царините за одредени американски производи, вклучувајќи медицинска опрема и индустриски хемикалии, објави Ројтерс утрово.
Според извори блиски до ова прашање, Министерството за трговија на Кина формирало работна група за составување листи на производи што би можеле да бидат ослободени од дополнителни царини. Според информациите објавени од списанието „Каиџинг“, се разгледува можноста за ослободување од данок на осум производи поврзани со полупроводници, додека мемориските чипови нема да бидат земени предвид.
Исто така, беше објавен список од 131 категорија производи што би можеле да бидат ослободени од царини, вклучувајќи вакцини, хемикалии и млазни мотори, иако Ројтерс не можеше да го потврди списокот.
Иако Соединетите Американски Држави веќе обезбедуваат олеснувања за одредени производи, како што се електронските компоненти, ослободувањето од царини од страна на Кина би можело да ги олесни трговските односи и да ја намали економската штета за двете страни, велат експертите.
Таквиот чекор би можел да ги ублажи последиците за американската економија и да го намали притисокот врз администрацијата на Белата куќа, која се соочува со растечки предизвици во врска со трговската политика.
Кинеските власти не одговорија веднаш на прашањата за иницијативата и нема официјална потврда дека ќе се изврши ослободување од царина, објави Танјуг.