Актуелно
Почетна / TOP NEWS / Кина сака да биде пионер во 6G мрежите

Кина сака да биде пионер во 6G мрежите

Околу 2030 година, Кина планира да изгради комерцијална 6G мрежа. Со истражување, направено на основните теории и тестови на 6G спектарот, земјата ќе може да ги трансформира своите придобивки во 5G во добра основа за следната генерација на ултрабрзата безжична технологија.

Во меѓувреме, очекувајќи жестоки напади од Вашингтон, во обид да се поткопаат напорите на Пекинг за развој на 6G, операторите и производителите на телекомуникациска опрема во Кина имаат приоритет за надминување на зависноста од снабдувањето на САД во нивните 6G стратегии. Исто така, им било советувано да се подготват за понатамошно технолошко раздвојување од САД во 6G ерата, според извори блиски до владата.

„Имаме големи очекувања за следната генерација на безжична технологија, која ќе ја развива Кина, и веруваме дека кинеските компании можат да имаат поголемо влијание во создавање меѓународни правила и дека ќе се потпираме помалку на американската технологија“, рече Лиу Гуанги од кинескиот институт за мобилни истражувања во интервју за „Глобал Тајмс“.

„Почнавме со 5G истражувања во суштина во исто време како САД и Европа. Сега нашиот план за 6G доаѓа побрзо од САД“, забележува тој, додавајќи дека Кина ќе има придобивки од тоа дека ќе биде пионер.

Пекинг планира да ја лансира својата 6G мрежа околу 2030 година, изјавиле извори блиски до кинеската влада за „Глобал Тајмс“. Меѓународната индустрија која управува со мобилниот стандард познат како 3GPP се очекува да започне со развој на 6G стандарди во 2025 година.

Во ноември, Кина официјално започна со истражување и развој на 6G мобилната мрежа. Формирани се две работни групи со различни мисии – истражување начини на кои 6G ќе се развиваат и истражување на технолошката еволуција на оваа генерација на мрежи.

Сепак, според Лиу, работата на „Чајна Мобајл“ на ултра брзите мобилни услуги започнала порано. Идентификувањето на основните технологии за 6G мрежата започнал минатата година. Друг телекомуникациски оператор, „Чајна Телеком“, исто така, започнал со истражување на 6G технологија во 2018 година, изјави портпаролот на компанијата за „Глобал Тајмс“.

Лиу Гуанги вели дека кинеските телекомуникациски оператори и производителите на опрема се многу чувствителни кон технологиите и прилично прилагодливи.

„Кога многу луѓе ширум светот сè уште се поврзани со 4G мрежи и 5G е во повој, ние ја презедовме иницијативата и откривме планови за 6G, отворајќи го патот за воведување на потенцијална технологија од следната генерација која е од витално значење за утврдување на идната економска конкурентност и преобликување на глобална економска гравитација“, објаснува тој.

Кинескиот технолошки гигант „Huawei“, кој во моментов е главна цел на Вашингтон во трговската војна со Кина, започна да истражува за 6G технологија „многу одамна“, рече нејзиниот основач Рен Женфеј во интервју за медиумите во септември. Тој изјави дека истражувањето за 6G трае паралелно со истражувањето за 5G.

loading...