Кина тестираше хиперсонична ракета во орбитата

од Vladimir Zorba

Кина тестираше нови вселенски способности со хиперсонична ракета во орбитата, објави Фајненшл тајмс.

Британскиот Економски и финансиски весник во саботата објави, повикувајќи се на неколку извори запознаени со тестот, посочи дека Пекинг лансирал ракета со нуклеарен погон во август, која ја обиколила Земјата во ниска орбита пред да се спушти кон својата цел.

Ракетата ја промашила целта за повеќе од 32 километри, навеле три извори.

Според изворите на весникот, хиперсоничниот уред бил пренесен со ракетата „Лонг Марч“, чие лансирање обично се најавува, додека овој тест се држел во тајност во август.

Напредокот на Кина во хиперсоничното оружје ги изненади американските разузнавачки служби, се наведува во написот.

Покрај Пекинг, САД, Русија и најмалку уште пет земји работат на хиперсонична технологија.

Хиперсоничните ракети, како и традиционалните балистички проектили кои можат да носат нуклеарно оружје, можат да летаат со пет пати поголема брзина од звукот.

Балистичките ракети летаат високо во вселената и прават лак за да стигнат до целта, додека хиперсоничните проектили имаат ниска траекторија во атмосферата и потенцијално побрзо ја достигнуваат својата цел.

Покрај тоа, хиперсоничната ракета е лесна за маневрирање, што значи дека е потешко да се следи и пресретне.

Земјите како САД развиле одбранбени системи против крстосувачки и балистички ракети, но капацитетот за следење и уништување хиперсонични ракети не е познат.

Кина ја разви оваа офанзивна технологија, сметајќи дека е важна за борба против напредокот на САД во хиперсонични и други технологии, се вели во неодамнешниот извештај на американската Конгресна истражувачка служба.

Пробата беше спроведена во време кога тензиите меѓу САД и Кина растат и Пекинг ги засилуваше воените активности во близина на Тајван, автономен остров што го смета за своја провинција.

Слични содржини