Кинески фирми бараат милијарди долари кредити поради новиот коронавирус

од Aleksandar Petrovski

Повеќе од 300 кинески компании, вклучително и производителот на паметни телефони Ксаоми Корп. бараат заеми во вкупен износ од најмалку 57,4 милијарди јуани (8,2 милијарди долари) за да ги ублажат ефектите од епидемијата на новиот коронавирус, соопштија два банкарски извора.

Заемите ги бараат давателот на услуги за превоз, „Диди Чуксинг технологија“, како и „Мегиви технологија“ и „Киху 360 технологија“, компании што се вклучени во контрола на епидемијата и чија деловна активност е погодена од ширењето на вирусот.

Кина се обидува да спречи епидемија која досега однесе повеќе од 900 животи и заразени се повеќе од 40.000 луѓе.

Властите воведоа карантин во некои градови, прекинаа сообраќајни врски и затворија објекти во кои се собираа голем број луѓе. Тоа е причината зошто страда економскиот раст, за кој проценуваат некои економисти, може да се намали на пет проценти во првиот квартал или дури и под таа цифра.

Компаниите што побарале заеми се очекува да им бидат одобрени по забрзана постапка, со повластени камати.

На списоците во кои имале увид западни медиуми се содржани бараните суми и меѓу нив се и производители на лекови и ресторани. Барањата беа направени на повик на градската канцеларија.

„Последниот збор за кредит ќе биде од банките. Каматните стапки најверојатно ќе бидат на ниво на она што банките им го нудат на најдобрите клиенти“, вели еден извор.

Ксаоми, четвртиот по големина производител на смартфони во светот, бара заем од пет милијарди јуани (716,24 милиони американски долари) за производство и продажба на медицинска опрема, вклучувајќи маски и термометри.

Меитуан Дајанпинг бара четири милијарди јуани (572,99 милиони американски долари) делумно за кофинансирање подготовка на храна и испорака за медицинскиот персонал во Вухан, епицентарот на епидемијата на Хубеи.

Диди Чуксинг бара 50 милиони јуани (7,16 милиони американски долари) заеми бидејќи е „сериозно засегнат од епидемијата на вирусот“. Интернет-безбедносната компанија Киху 360 со седиште во Пекинг бара милијарда јуани (143,25 милиони американски долари) за да купи медицински производи и финансирање апликации за мониторинг и спречување на ширењето на вирусот.

Иновативната компанија Мегви, што развива технологија за препознавање на лицето, бара 100 милиони јуани (14,32 милиони американски долари) во кредити за подобрување на технологијата за препознавање лица со маски.

Слични содржини