Кинескиот извоз се зголеми за 21,4 отсто во ноември

од Vladimir Zorba

Кинескиот извоз порасна за 21,4 отсто во ноември, но забави во однос на претходниот месец, додека увозот исто така порасна како последица на посилната домашна побарувачка.

Извозот од 325,5 милијарди долари е за 21,4 отсто поголем од претходната година, што е забавено во однос на октомврискиот раст од 27,1 отсто, покажуваат денеска објавените податоци на царината.

Увозот се зголеми за 31,7 отсто во ноември на 253,8 милијарди долари, што е за 20,6 отсто повеќе од еден месец порано.

Кинескиот извоз беше поттикнат од странската побарувачка во време кога другите конкуренти во светот се мачеа поради контролите поврзани со коронавирусот.

Посилниот увоз покажува дека домашната побарувачка закрепнува по падот предизвикан од владините контроли на кредитите во индустријата за недвижнини.

Економскиот раст падна на невообичаено ниски 4,9 отсто во однос на претходната година во кварталот што заврши во септември.

„Извозот и увозот беа над очекувањата минатиот месец благодарение на посилната побарувачка и ублажувањето на недостигот на полупроводници“, вели аналитичар од „Капитал економикс“.

Според него, појавата на „омикронс“ варијантата на вирусот на краток рок веројатно ќе ја поддржи побарувачката за кинески извоз, но неизвесно е какво ќе биде долгорочното влијание на тој вид.

Глобалниот трговски суфицит на Кина се намали за 4,9 отсто во однос на претходната година на 71,7 милијарди долари. Тоа е помалку од рекордните 84,5 милијарди долари во октомври, но сепак меѓу највисоките досега.

Слични содржини