Кинезите цензурираат кадри од гледачи без маски на СП во Катар

од Nikola Popovski

Кинеската телевизија, која емитува фудбалски натпревари од Светското првенство, повеќе не прикажува снимки од толпата без маски, бидејќи таквите сцени ги налутија Кинезите кои повеќе не можат да ги толерираат ограничувањата наметнати против ширењето на коронавирусот.

Во обид да избегне прикажување снимки од стадион полн со навивачи без заштитни маски, спортскиот канал CCTV, за време на преносот од натпреварот помеѓу Јапонија и Костарика, ги замени сите снимки кои во кадар имаат гледачи без маски со снимки од теренот или снимки од публиката од голема далечина, за да не им се забележуваат лицата.

Во исто време, нецензуриран пренос од натпреварот беше достапен на интернет-страниците, вклучувајќи го и Douyin, кинеската верзија на TikTok.

На популарната страница WeChat се појави отворено писмо во кое корисниците се прашуваат дали Кина е „на иста планета“ со Катар, а исто така е доведена во прашање и кинеската политика кон коронавирусот. Меѓутоа, властите многу брзо го цензурираа ова писмо.

Кина е последната голема економија што ја продолжи политиката на нулта толеранција кон Ковид-19, што вклучува затворање цели населби или градови, прогласување екстремно долги периоди на карантин и спроведување кампањи за масовно тестирање.

На Кинезите им е сè потешко да толерираат вакви ограничувања, а во последните денови имаше неколку демонстрации поради острите мерки за коронавирусот.

Слични содржини